Кливленд ја спаси првата меч-топка
Леброн Џејмс приреди фантастична претстава во последната четвртина за победа на Кливленд над Орландо со 112:102. Со тоа кавалирси избегнаа елиминација во финалето во источната конференција во НБА плеј-офот и намалија на 3:2 во серијата до четири победи. Во последниот период Џејмс постигна 17 коша од вкупно 37 во петтиот натпревар со „магичните“.
Орландо водеше со 90:89 во средината на последната четвртина, но кавалирси направија серија од 13:3 за водство од 107:96 на 1:07 мин. до крајот на средбата. Најефикасен кошаркар на Орландо беше турскиот интернационалец Хидајет Туркоглу со 29 коша, Двајт Хауард забележа дабл-дабл ефект од 24 поени и 10 скока. Најголема помош Џејмс имаше од Мо Вилијамс кој уфрли 24 коша, Литванецот Жидрунас Илгаускас даде 16, а резервистот Даниел Гибсон постигна неколку клучни пред крајот на натпреварот.
Шестата пресметка меѓу Кливленд и Орландо е вечерва на паркетот на „магичните“. Орландо е во обид да стигне до првото НБА финале по 1995 година, додека намерата на Кливленд е да стане деветтата екипа во историјата на НБА која успеала да победи во разигрувањето за шампионскиот прстен по водството на противникот од 3:1. |