„Јаја Мезлер“ ќе плаќа пенали за „Македонка џинс“
Сопственикот Ѓинѓер Каја побарал рок од уште една година за реализација на бизнис-планот
Иван Бојаџиски
ШТИП – „Jаја Мезлер“, турска компанија од Истанбул која кон крајот на 2006 година за еден милион евра ја купи „Македонка џинс“, ќе мора да плати 600.000 евра на име казнени пенали поради неисполнување на бизнис-планот. Од оваа сума, 400.000 евра се поради нереализирани инвестиции, а 200.000 евра за нереализираната обврска за вработување 650 работници, колку што до април годинава требало да има според бизнис-планот.
Турската компанија во Штип дојде со големи ветувања, но досега исполни сосема малку од нив. Ревизорскиот извештај изготвен од ревизорската куќа „Пелагонија“ од Прилеп бил негативен во однос на исполнувањето на преземените обврски од „Јаја Мезлер“. Сопственикот на турската компанија, Ѓинѓер Каја, побарал продолжување на времето за реализација на бизнис-планот на рок од една година, за што в петок ќе одлучува Одборот на доверители на седница во Штип.
Сопственикот на „Македонка џинс“ се соочува и со можност за раскинување на договорот, што е втора мерка која Одборот на доверители, во кој доминираат Министерството за финансии и ПИОМ, може да ја преземе ако првата мерка за плаќање на казнените пенали не биде реализирана.
Најдоброто друштво од некогашниот гигант му беше дадено на „Јаја Мезлер“ по распишан меѓународен тендер на кој турската компанија немаше противкандидат. Имено, на тендерот се јави и штипскиот конзорциум од повеќе текстилни фабрики, но, според тендерската комисија, тој направил превид во доставената документација, по што фабриката ја доби „Јаја Мезлер“. За милион евра турската компанија доби покриен простор од 22.300 квадратни метри, односно компанијата плати неверојатно ниска цена од 45 евра за квадратен метар, плус машинскиот парк во погонот за џинс и конфекцијата.
Со бизнис-планот „Јаја Мезлер“ се обврза во рок од три години (до крајот на оваа година) да вработи вкупно 1.150 работници, а до овој момент обврската му беше да има 650 работници. Но, моментно во фабриката работат само 306 лица. Компанијата беше обврзана во рок од три години да вложи 13,6 милиони евра во нови технологии и други развојни проекти, но досега инвестира само дваесет проценти од она што го презеде како обврска.
Тие пари компанијата, според бизнис-планот што го понудила, требало да ги инвестира во модернизација на погонот за џинс-ткаенини, во проширување и модернизирање на конфекцијата, во енергетското осамостојување, станица за гас... А 600.000 евра биле ветени и планирани за изградба за мини трговски центар во кругот на фабриката. Трговскиот центар требаше да се реализира во втората половина од минатата година, но од него нема ниту трага.
Интересно е што со бизнис-планот усвоен од Одборот на доверители, „Јаја Мезлер“ сама презема обврска десет проценти од остварениот профит да ги донира на средното текстилно училиште за развој и осовременување на наставно-научниот процес. Но, Анита Монев, директорка на училиштето, изјави дека откако „Македонка џинс“ била преземена од „Јаја Мезлер“ тие не добиле ниту денар.
За целата оваа ситуација се обидовме да го слушнеме и ставот на сопственикот Ѓинѓер Каја. Но, во фабриката ни беше речено дека со неа раководи Рахми Каја, брат на Ѓинѓер Каја, но дека тој е привремено отсутен. Дознавме само дека главниот човек што ја водеше постапката за купување на „Македонка џинс“ во Штип последен пат бил во февруари 2008 година, а дека не се појавил последниве седум месеци. |