Чекајќи субвенции, социјалците може да останат без струја
Струјата наскоро ќе поскапи, а Владата се' уште не соопштува кога и како ќе почне со заштита на сиромашните
Маја Томиќ
Владата се' уште нема ништо конкретно за заштита на сиромашните лица од скапата струја што не' очекува. Во сите западни економии практика е владите прво да донесат социјален пакет за заштита на сиромашните, а потоа закони и нови цени на енергенсите. Во Македонија работите досега се превртени. Така, Законот за енергетика, со сите досегашни измени, од кои последните се од средината на август годинава, донесен е пред две години, ЕЛЕМ неодамна побара зголемување на цената на струјата за 39 проценти, група опозициски пратеници доставија до Собранието предлог-закон за заштита од енергетска сиромаштија, ЕВН уште пред повеќе од една година и' достави на Владата предлози за заштита на социјалните групи од плаќањето на сметките на струја, а уште лани до Министерството за економија, Министерството за труд и социјала имаше доставено список на социјалци кои би можеле да бидат опфатени со субвенции за струја.
Струјата може да поскапи и по еден месец, а од Министерството за економија, кое е носител на проектот за субвенциите за струја, засега само најава дека в година ќе стартуваат социјални пакети. Додека да профункционираат, може да помине и зимата и некој и да замрзне без греење. Министерот за економија, Фатмир Бесими, неодамна не откри ништо ново кога рече дека пакетите се' уште не се одредени, но дека е познато оти тие ќе важат за граѓаните кои примаат социјална помош. Ним Владата ќе им овозможи да плаќаат поевтина струја, но до одредена потрошена количина. За колку семејства и за колкаво количество потрошени киловат-часови станува збор, дали само за струјата што ја трошат фрижидер и светилка, на пример, или и за термопечка со која се грее и колку пари од Буџетот ќе бидат издвоени за таа намена, Владата се' уште нема пресметки.
„Овој проект е во фаза на анализирање и е во рамки на социјалните програми во земјава“, изјави пред една недела Бесими. Од Министерството за економија вчера потврдија дека се' уште нема ништо конкретно за помошта за социјалците, дека се работи на тоа, како и на прецизирање на начинот на кој ќе се врши исплатата на парите со кои тие треба да покријат дел од трошоците за струја. Инаку, според Министерството за труд и социјала, во април годинава бројот на социјалните семејства изнесува 55.000.
Македонија е потписничка на повеќе документи за либерализација на енергетскиот пазар на ЕУ, а еден од основните принципи на овие енергетски документи е дека не е дозволено државата да дава бенефиции за цената на струјата на потрошувачите, компаниите и граѓаните, но има обврска да воведе социјални пакети за заштита на одредени слоеви на населението.
Уште во почетокот на 2006 г. Министерството за економија, заедно со Министерството за труд и социјална политика и со техничка помош на ЕБОР, работеше на заеднички проект за таканаречената енергетска сиромаштија. Требаше и да се распише меѓународен тендер за избор на консултантска куќа за подготовка на пакетите. Но, работите закочија со изборите во 2006 г. Инаку, се најавуваше пакет мерки за неколку категории социјални домаќинства кои требаше да плаќаат поевтини тарифи за струјата, зависно од потрошеното.
ЕВН - ЕСМ пред повеќе од една година побара од Владата таа да го преземе плаќањето на сметките за струја на социјалците поради тоа што компанијата има големи проблеми при наплата на сметките на струја од сиромашните, но до денес не доби никаков одговор.
Инаку, во сите западноевропски земји практика е државата да ја плаќа потрошената електрична енергија на сиромашните во вид на социјална помош со која се покриваат тие трошоци. Неодамна британската влада најави план за заштита на најзагрозените семејства од скапите струја и гас. Определени се 2,5 милиони домаќинства, прогласени за „енергетски сиромашни“, кои со своите мали приходи не можат да ги покријат сметките за струја и за гас или затоа што за овие потреби трошат 10 отсто од вкупните приходи. Планот предвидува на тие семејства да им се понуди пониска т.н. социјална тарифа. Британското Министерството за пензии најави дека над 250 илјади пензионери поради скапата енергија се турнати во сиромаштија. Според некои истражувања, бројот на енергетски сиромашните домаќинства во Велика Британија изнесува дури 4,5 милиони. |