Над 2.500 правници поминале обука во Академијата за судии
Во Академијата за обука на судии и јавни обвинители вчера беше одбележан почетокот на обуката на втората генерација кандидати за судии и јавни обвинители.
Министерот за правда, Михајло Маневски, во обраќањето на свеченоста рече дека Академијата за обука на судии и јавни обвинители за многу кусо време се издигна на едно потребно ниво и оти во неа поминале низ обука повеќе од 2.500 судии, јавни обвинители, нотари, медијатори, млади правници, извршители и адвокати. „Тоа е еден огромен потенцијал кој е едуциран во рамките на различните области на правото. Академијата ужива и ќе ужива поддршка и ќе дава секаква помош, бидејќи таа врши значајна функција за обезбедување квалитетен и стручен кадар. Градиме профил на европски судија и нашето законодавство го усогласуваме со европското законодавство“, истакна Маневски. Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, истакна дека во државата во екот на судските реформи се направени демократски чекори за модернизирање на судството, а еден од нив е основањето на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.
Директорката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, судијката Анета Арнаудовска, рече дека во изминатите две години Академијата стана институција која доби широка поддршка од судиите и јавните обвинители кои во разни облици се вклучени во нејзините активности. (П.Р.) |