„Шахидките“ повторно на Кавказ
Повторно почнаа крвави терористички акции во кои страдаат невини луѓе
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - На Северен Кавказ, по подолга пауза, повторно почнаа крвави терористички акции во кои страдаат невини луѓе. Истражните органи тврдат дека маршрутното такси во Владикавказ, главниот град на Северна Осетија, го кренала во воздух „шахидка“ т.е жена-самоубиец. До таков заклучок дојдоа бидејќи на местото каде што се случи терористичкиот акт полицијата пронајде делови од „појасот на шахидите“. Повеќе луѓе загинаа од металните топки и навртки со кои беше наполнет експлозивот што во појасот на своето тело го имаше жена што го активира. Постои сомневање дека терористичкиот акт го организирале роднините на Ингушите кои во последниве години се киднапирани во Северна Осетија.
Во летото 2005 година и подоцна се' до јули 2007 година на излезот од главниот пазар во Владикавказ исчезнале Ингуши. Вкупно 19 лица се киднапирани. Сите тие биле сопрени за проверка на документите. Досега не се пронајдени. Една од верзиите е дека Осетијците на тој начин сакале да им се одмаздат на Ингушите за трагедијата во училиштето во Беслан. Имено, од ингушиски села чеченските терористи дошле со камион и го зазедоа училиштето во кое подоцна загинаа учениците и нивните родители. Истрагата ја водеше полицискиот потполковник Алихан Калиматов. Тој беше убиен со автоматско оружје во септември 2007 година, во едно село во Ингушетија.
Сите полициски станици ја добија посмртната фотографија од жената за која се смета дека го активирала „појасот на самоубиецот“, па се очекува таа наскоро да биде идентификувана. Бројот на загинати постојано расте. Од последиците на терористичката акција досега починаа 12 лица, а 40 се повредени. Двајца од повредените се во сериозна здравствена состојба. Веќе се идентификувани девет тела на загинатите. Моќта на експлозивната направа била 300 грама тротил.
Сведоци на настанот тврдат дека „шахидката“ била жена со црна долга коса. Кога таа влегувала во таксито дошло до силна експлозија. Полицијата тврди дека од терористката останале само главата и стапалата. Иследниците мислат дека таа пристигнала од Ингушетија. Александар Бистрикин, раководител на Истражниот комитет при руското обвинителство, вели дека постојат две верзии зошто е организирана терористичката акција. Прво, за да се дестабилизира ситуацијата на Северен Кавказ и, второ, да се подгрее стариот судир меѓу Осетијците и Ингушите. Рускиот претседател Дмитриј Медведев побара да се спроведе детална истрага и да се открие заднината на терористичката акција на Владикавказ. Тој предупредува дека не смее да се дозволи дестабилизација на ситуацијата на Кавказ, па им наложи на сите нивоа на власта да се позанимаваат со проблемот и да не дозволат тероризмот повторно да се врати во тој дел на Русија. |