Уште една неуспешна потрага по Младиќ
БЕЛГРАД - Полицијата вчера пребаруваше неколку локации низ Србија трагајќи по најбараниот осомничен за воени злосторства Ратко Младиќ, изјави извор од канцеларијата на обвинителот за воени злосторства. Семејниот стан во Белград беше едно од местата што се пребаруваа. Неговиот син Дарко Младиќ сега со своето семејство живее во апартман во куќа во јужниот дел на градот. „Полицијата пребара неколку локации во Србија во обид да го најде бегалецот кој се бара од страна на Хашкиот трибунал за воени злосторства и да се прекине мрежата што му дава финансиска поддршка“, изјави изворот.
За да го исполнат клучниот услов за напредок на патот кон ЕУ, а тоа е да ги екстрадираат двата преостанати бегалци, оваа балканска земја во последниве неколку месеци ја интензивираше потрагата. Тие спроведоа истрага против различни фирми за да ги најдат помагачите и да ги прекинат финансиите за оние за кои постои сомневање дека му помагаат во криењето.
Воениот командант на босанските Срби, Младиќ, во 1995 година беше обвинет за геноцид и опсадата врз Сараево, како и за организирање на масакрот во Сребреница. На слобода е и лидерот на хрватските Срби, Горан Хаџиќ, кој се бара за злосторства против човештвото. (Ројтерс) |