Апсењето на еден пратеник ја возбуди Британија
Денот кога кралицата Елизабета зборува во парламентот при отворањето на новата политичка сезона, ништо друго не е поважно од тоа во Британија
„Срамниот ден на демократијата“ го засени обраќањето на кралицата во парламентот
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Во денот кога кралицата Елизабета зборува во парламентот при отворањето на новата политичка сезона, ништо друго не е поважно од тоа во Британија, без разлика што станува збор повеќе за една гламурозна церемонија која би му прилегала на времето од изминатите векови, отколку на политички значајна сесија од 21 век. Особено поради тоа што она што британскиот суверен ќе го прочита пред лордовите и пратениците е напишано од владата.
Но, сите политички актери на британската сцена максимално одговорно се вклучуваат во традицијата, па тој ден спикерот на парламентот има само минорна улога, да биде дел од церемонијата што продолжува да се одржува еднаш годишно и во никој случај да не држи посебен говор.
Оваа година, меѓутоа, првпат традицијата и настапот на кралицата беа засенети и покрај свечените одори, ројалистичкиот протокол, круната што специјално се носи од трезорот во лондонскиот Тауерс, или кралските кочии низ центарот на градот, поради случајот со апсењето на пратеникот на опозиционите ториевци Дамиан Грин и претресот што полицијата го изврши во неговата канцеларија во парламентарното здание покрај Темза. Каков и да беше говорот на кралицата, тој беше целосно „покриен“ од изнуденото обраќање на спикерот Мајкл Мартин кој мораше да зборува за „срамниот ден на демократијата“ во Британија.
Владата на премиерот Гордон Браун прави се' што може да ја минимизира аферата, настојувајќи целата вина да ја фрли на опозицијата и посебно на „виновникот“ Грин, постојано додавајќи по некое „ново откритие“ што ќе треба да ја оправда полициската интервенција и запленувањето на неговите компјутери, како и одземањето на мобилниот телефон. Според нив, нема потреба да се расправа за случајот додека трае истрагата, зашто тоа би значело да се влијае врз работата на Скотланд јард. Целата опозиција, меѓутоа, инсистираше веднаш да се добие објаснување за апсењето, како и да се отвори истрага и да се расправа за претресот, настојувајќи да се открие кој дал согласност за тоа.
Спикерот Мартин, инаку лабуристички пратеник, знаеше за заканата на опозицијата дека ќе ја бојкотира церемонијата со кралицата, па се одлучи на нешто што досега „не е видено во парламентот на денот кога зборува кралицата“, како што тоа го оквалификуваа овдешните политички аналитичари. Го прифати она што бараше опозицијата, па во излагањето пред сите пратеници, прво изрази жалење што полицијата претресувала во Вестминстер, во канцеларијата на еден пратеник, а потоа призна дека Скотланд јард немал налог за претресот, а тој не знаел дека полицијата работи без валиден документ. Според Мартин, согласност за тоа дал парламентарниот редар, што е функција во организацијата на британскиот парламентаризам, кој е дел од кругот на блиски соработници на спикерот.
Во жестоката и на моменти и пребучна дебата за британските стандарди и обичаи, се покажаа сите разлики во гледањето на двете главни партии за инцидентот од минатата недела. Ториевците инсистираат дека владата крие од опозицијата и од јавноста податоци што Британците мора да ги знаат, правдајќи го својот пратеник дека тоа што го соопштил на медиумите нема тежина на таен или доверлив документ, со што впрочем се согласува и полицијата. Станува збор само за информации што може да му наштетат на угледот на владата меѓу гласачите. Владата ги обвинува ториевците дека извеле систем на редовно извлекување на „доверливи, службени податоци, меѓу кои има и некои со безбедносна содржина“. Тоа се оценува како удар врз „самото срце на владата“, па барањето за истрага прв пат се соопштува дека го дал токму кабинетот на владата.
Во такви услови, кога еден од ториевците побара оставка на Мартин зашто дозволил да му се случува она што му се случи со полицијата, лидерот на пратеничката група на лабуристите, Хариет Харман, инаку близок сојузник на Браун во владата и партијата, во ТВ-интервју одби да изјави дека му дава поддршка на „својот“ спикер, оставајќи така отворен простор за навестувањата за негово сменување. Таа подоцна се обиде да објасни дека не мисли така, а со изјави за одбрана на спикерот се огласија еден од министрите од Блеровото време, а потоа и самиот Браун, но остана впечатокот дека Мартин би можел да биде жртвуван во аферата, уште повеќе што медиумите блиски до лабуристите не брзаат да се огласат во негова одбрана. Од ториевскиот табор затоа и велат дека вината за „повредата“ на парламентот и за „шлаканицата врз демократијата“ не е во спикерот Мартин, без разлика како работи тој, туку во владата. |