Нови шестмина осомничени за изборни инциденти
Во Кривичното истражно одделение на Основниот суд Скопје 1, ноќта помеѓу средата и четвртокот, се водеше истражна постапка за шест лица осомничени за дела кои се поврзани со изборите што се одржаа во неделата. Од скопска „единица“ ја потврдија започнатата истрага иницирана од Јавното обвинителство и, според информациите добиени од судот, само за две лица кои се недостапни за органите на прогонот е изречена мерка притвор, а за четворицата што беа спроведени се изречени превентивни мерки. Имено, за овие четири лица е донесено решение, според кое на сите им се одземаат патните исправи, еднаш недело во точно утврден ден да се јавуваат во судот и да не смеат да го напуштат местото на живеење.
Шестемина новоосомничени се втора група што се товари за учество во изборни нерегуларности. Пред четири дена, освен за злосторничко здружување и поседување огнено оружје, Агим Красниќи и осуммина негови пријатели беа осомничени и за кривично дело спречување избори и гласање. За тоа на Красниќи и неговите следбеници им беше изречена мерка притвор во траење од по 30 дена. Вчера од гаражите на судот беа подигнати два џипа со кои биле сторени делата. Станува збор за теренско возило „чироки“ и џип „мерцедес“. (Љ.С.) |