Ранет 21-годишник откако се обидел да стрела во „алфите“
Мурат Мустафовски бил ранет откако со пријател малтретирале жител на Драчево
Љубиша Станковиќ
Во престрелка што вчера околу 13 часот се случи на половина пат меѓу селата Моране и Зелениково, едно лице се здоби со прострелна рана откако во него пукале „алфите“.
Локалниот пат што ги поврзува населбата Драчево со селото Зелениково вчера неколку часа беше блокиран од страна на полицијата. Причина за блокирањето на патот и формирањето километарски колони од двете насоки беше увидот што го вршеа тим на МВР и судско-обвинителски тим.
На ранувањето на Мурат Мустафовски (21), жител на селото Сметница, му претходело насилство што тој и уште еден негов пријател го сториле врз еден жител на Драчево. Имено, како што се дознава неофицијално, Мустафовски и неговиот пријател влегле во домот на драчевецот и брутлано го претепале. Кога насилниците си заминале, претепаниот телефонски контактирал со вработени во Полициската станица „Драчево“ и притоа им го посочил идентитетот на напаѓачите и нивното возило. Откако случајот бил регистриран, полицијата од ПС „Драчево“ побарала асистенција од нивните колеги од единицата „алфи“.
Мобилните полициски тимови возилото „рено 5“, со кое што се превезувале Мустафовски и неговиот пријател, го пронашле на половина пат меѓу селата Моране и Зелениково, но кога од нив било побарано да застанат и да се предадат, Мустафовски извадил пиштол и го репетирал со намера да стрела кон „алфите“, кои биле принудени да пукаат во него и го раниле. Во престрелаката Мустафовски бил погоден в рамо, а неговиот пријател се дал во бегство, но по кратко време и бил фатен и приведен.
Од МВР потврдуваат дека Мустафовски од порано и' е познат на полицијата токму по вакви дела. Тој пред три години, исто така во јуни, бил пријавен за насилство, односно за нанесување на тешки телесни повреди.
На местото каде што вчера се случи престрелката видливо беше големото полициско обезбедување од мобилните тимови „алфи“, а просторот беше блокиран поради увидот кој траеше до попладневните часови. |