Уставниот суд идната среда ќе пресуди за „Фершпед“
Одлуката ја чекаат и шпедициите, но и Царинската управа за да види каде треба да се менува Законот за царина
Соња Маџовска
Конечната одлука за „Фершпед“ Уставниот суд ќе донесе на седницата закажана за наредната недела, односно на 16 септември. На оваа одлука чекаат и шпедициите, но и Царинската управа, за да види каде треба да се менува Законот за царина.
Уставниот суд треба да донесе конечна одлука откако во почетокот на јули поведе постапка за оценување на уставноста на член 4 од Царинскиот закон. Според важечкиот Царински законик, во овој член, според судот, не е прецизно определен периодот на последни 12 месеци во кои одредено лице има направено долг по основа на ДДВ или акциза. Уставниот суд на седницата на 1 јули не поведе постапка за оценување на уставноста на делот од член 4, кој се однесува на казната од 10.000 евра. Поконкретно, судот не повел постапка за делот од Законот со кој се прецизира на кое лице повеќекратно дополнително му се пресметани обврски на име царински долг, ДДВ и акцизи и во вкупен број царински декларации што надминува 2 отсто од вкупно поднесените декларации, поради што со правосилна и извршна одлука на одредена компанија и е изречена глоба во вкупен износ кој надминува 10.000 евра.
Од „Фершпед“ вчера ни изјавија дека ја чекаат конечната одлука од Уставниот суд, по што ќе проценат како ќе продолжат да работат.
Во меѓувреме, околу 150 лица, оперативци, кои работеле за „Фершпед“ во делот на царинското посредување, си заминале од компанијата и си формирале самостојна фирма. На овој чекор биле принудени откако во почетокот на јуни Царината и' ја одзеде на „Фершпед“дозволата за работа во делот на застапување во царинските постапки, односно го загуби правото на шпедиција и застапување други фирми во постапката на царинење. Инаку, не само „Фершпед“, оваа одлука од Уставниот суд ја чекаат уште неколку шпедиции кои исто така останаа без дозволи. Тие очекуваат судот да ги разреши нелогичностите во Законот за да не работат во грч како досега, велат шпедитерите.
И првиот човек на Царина, Ванчо Каргов, вчера за „Утрински весник“ изјави дека откако ќе ја добијат конечната одлука на Уставниот суд, тогаш ќе видат што ќе мора да сменат во Царинскиот закон. „Тоа прашање го разгледувавме и дискутиравме. Сепак, решивме да ја чекаме конечната одлука на Уставниот суд. Во Царината моментно сме сконцентрирани на измените на Законот за новиот царински информативен систем, кои очекуваме дека кон крајот на овој месец ќе ги предадеме до Министерството за финансии. А тоа значи дека сите декларации ќе се поднесуваат по електронски пат, а не на хартија“, изјави Каргов.
Инаку, Уставниот суд на седница одржана на 1 јули поведе постапка по одредби од Царинскиот закон поради кои „Фершпед“ и уште неколку шпедиции остана без дозвола за работа, односно беа прогласени за „лица со поголем ризик“. Суд��т расправаше по иницијатива на Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори при Стопанската комора на Македонија.
Уставниот суд на седницата во јули процени дека делови од одредени членови на Законот за царина предизвикуваат нејасност, односно различно разбирање на одредбите, што може да доведе, пак, до носење субјективни оцени на применувачите на овие правила.
Овие спорни одредби во овој закон тогаш предизвикаа бурна опсервација од страна на уставните судии. Тие беа поделени во ставовите, едни сметаа дека никаде во регионот нема одредба во закон за царина, според која одредена фирма се прогласува за „лице со поголем ризик“, без прецизни критериуми. Дел од судиите сметаа дека со овој закон големи се дискреционите права на Царинската управа, при што таа може волунтаристички да дејствува. А на судиите не им беше јасно ниту зошто кога и Царината се изјаснила дека одредби од овој закон се проблематични и нелогични, досега не презела ништо. Дел од судиите сметаа дека Законот е комплетно уставен и дека ако се ревидираат одредени членови од него, тогаш тоа би повлекло и промена на неколку поранешни одлуки на Уставниот суд, со слична содржина.
|