Синдикатот обвинува: Спогодбата меѓу СОНК и Владата е обична фарса
Според ССМ, има над 700 избркани работници од образованието, според СОНК, засегнати се само 274 лица
Маја Томиќ
Министерот за образование, Никола Тодоров, се крие зад Спогодбата што ја склучи пред крајот на минатата година со Синдикатот за образование, наука и култура, СОНК, и фактички не презема ништо за да го реши проблемот во образованието. Се изнесуваат невистинити податоци за само 274 засегнати наставници, но досега во МЕСО, Мултиетничкиот синдикат за образование при ССМ, пристигнаа повеќе од 700 поплаки, посочија вчера во Сојузот на синдикатите на Македонија..
„Обраќањата до јавноста на министерот Тодоров и изјавите што пристигнуваат од СОНК се обична фарса. Фактички ништо не се прави за да се реши проблемот на наставниот кадар, што пред почетокот на оваа учебна година остана без работа“, изјави вчера портпаролот на ССМ, Милан Живковиќ.
Тој додаде дека министерот за образование се крие зад градоначалниците, а практично не го решава проблемот во дејноста. Од СОНК, пак, се пласираат вести дека со откази се погодени само 274 наставници, кои не ги исполнувале условите за работа. Од друга страна, според ССМ, МЕСО има податоци дека околу 6.500 наставници во образованието останаа со нерешен статус.
„Досега во овој синдикат пристигнаа над 700 обраќања и молби за помош, и тоа само од членови на СОНК, но вкупниот број обраќања е поголем. Не е време за политички пресметки во образованието или за борба за власт. Треба да им се помогне на овие луѓе. Не треба да биде пресудно кој е член на која партија“, порача Живковиќ.
Спогодбата што ја склучија Министерството за образование, Министерството за труд и социјала и СОНК е недокажана, неприменлива и непрецизна. Во неа има некакви празни правни одредби, наведуваат од ССМ, како, на пример, дека наставниците треба да бидат вработени, освен ако не постои оправдана причина да им се трансформира работното место.
„Овие наводи не кажуваат ништо, ниту, пак би значеле нешто на судски спор. Со спогодбата, Министерството за образование го искористува СОНК за спроведување на некои свои цели“, процени Живковиќ, додавајќи дека, според Законот за работни односи, по пет години работа на одредено време работниот однос треба да премине во неопределено.
„Ние бараме министерот Тодоров да го послуша премиерот Никола Груевски, кој упати двете министерства, за образование и за труд и социјала, да почнат преговори со синдикатите, не само со СОНК, туку и со МЕСО“, рече Живковиќ. Тој додаде дека ССМ не учествуваше во ланскиот штрајк на образованието, кој го организира СОНК, затоа што штрајкот не бил во интерес на вработените. |