Мислења
Лидерските средби како опиум за народот
Лазар Еленовски
Ако се мери според резултатите, лидерството што го покажаа таканаречените лидери сиве овие години е како ефикасно да ги пропушташ сите историски шанси за побрз развој на државата
Деновиве, по повеќе од шест месеци, се повторија таканаречените лидерски средби. Средбите како такви отсекогаш ми биле неприфатливи од повеќе причини. Најпрво дека кај нас во државата лидерство не постои. Инаку ќе се покажеше според резултатите. Ако се мери според резултатите, лидерството што го покажаа таканаречените лидери сиве овие години е како ефикасно да ги пропушташ сите историски шанси за побрз развој на државата. За тоа се шампиони не само во регионот, туку и многу пошироко. Дополнително, дали некој се сеќава на некој успех од тие средби? Јас се сеќавам единствено на една во 2001 година кога тие лидери некој ги седна на маса и сосила ги натера да се договорат. Но, тоа не е лидерство, туку вазалство.
И самиот термин лидерски средби е спорен ако се цени дека зборот „лидер“ има демократска природа и се мисли на демократски л��дер, на човек што води. Во политиката води политички процеси за добро на државата. Во нашиот случај, тоа се многу повеќе автократи отколку лидери. Видете само како владеат или владееја со државата и се' ќе ви биде јасно. И уште повеќе, видете како железно недемократски владеат во сопствените партии (кои во добар дел ги приватизирале) и коментарот е излишен.
Друга причина за неприфаќање на лидерските средби е и тоа што ги гледам како недемократска замена на Уставот. Некој нешто се обидува на тие неформални средби битно да се договори, на консензуално ниво. А Македонија уставно е парламентарна демократија и таму е местото каде што треба да се вршат сите консултации и договори. Нема потреба од спектакли и уставна супституција. На тој начин сите тие лидери, всушност, го уриваат уставното уредување на државата. Лично мислам, познавајќи ја нивната демократска свест, дека за тоа не се ни свесни.
Сликата што се демонстрира на тие средби е исто така во судир со Уставот, а тоа е дека Македонија е бинационална држава. Уставно ние сме мултиетничка, мултиконфесионална и мултикултурна држава и демократија и тоа е големото богатство за државата што досега не знаеја да го искористат нашите ограничени лидери. На тој начин бинационално составена, лидерската средба токму тоа го кажува, но, исто така, кажува дека сите што седнале таму на маса се согласуваат со тоа.
Ќе ве потсетам дека токму таканаречените уставни измени беа причината за нивниот циклус средби минатата пролет. Владата, поточно најголемата партија во Владата, наивно и неподготвено отвори список на желби за менување на Уставот, а потоа го направија тоа и сите останати. И така добивме состојба како не еден, туку повеќе мали Ѓокици го замислуваат светот. Откако цел тој свет не можеше да се собере во „теснотијата“ на нашиот Устав, тие се откажаа од намерата за негова измена. Откажувањето беше исто така инфантилно како и целиот таканаречен процес за измена на Уставот. Државата изгуби речиси три месеци во таа лакрдија, со животноважните изјави на лидерите, со запалените камери и преноси во живо, со најразличните анализи на (не)партиските експерти за очекувањата, опасностите и надежите од измените. Но, најмногу од се' тоа беше таа иста мизерна безвитаминска духовна храна со која тие лидери го хранат својот народ веќе дваесет години. Во недостиг да испорачаат вистински резултати и вредности со кои би го потврдиле тоа лидерство, тие се решаваат по безброен пат да ја сервираат добропознатата кукавичка епизода на играње и манипулација со чувствата на граѓаните. И исто така кукавички да се повлечат од сето тоа.
Кога сме веќе кај уставните измени, тие, секако, досега требаше да се случат кај прашањата од техничка природа, а не на политички прашања како што се обидуваа досега лидерите да профитираат и на тој начин да ги минираат првите. Такво едно прашање е создавањето уставни услови за екстрадиција на прогонетите државјани на Република Македонија. Убеден сум дека на јавноста и' е малку познато дека, на пример, случајот со Даравелски, за кого со години е распишана меѓународна потерница, главната причина зошто тој не е екстрадиран во државата не е Република Србија или некои тајни сили што сакаат да го заштитуваат, туку едноставно - нашиот Устав. Тој законски ја оневозможува екстрадицијата. А неговата неизмена во тој дел сиве овие години од формирањето на случајот, властите ги става во улога на соучесници.
Но, да се вратиме на последната лидерска средба од пред некој ден. Како што слушнавме, имало богата агенда: евроатлантската интеграција, прашањето на името, пописот и двата јубилеја 20 години независност и 10 години Рамковен договор. Дури и да ја прифатиме лидерската средба како таква, за ниту едно од овие прашања едноставно нема потреба од нејзино одржување. Математиката е јасна. Евроатлантската интеграција на земјата е единствено зависна од решавањето на прашањето на името, поточно, на меѓународното име на Република Македонија.
Прашањето за името, пак, е застарено и веќе решено прашање токму од лидерите на двете најголеми партии уште од времето на букурешкиот Самит на НАТО во април 2008. Повеќе не е ни јавна тајна дека тогаш и двајцата во улога на претседател и премиер го усогласија ставот за прашањето за името. И тоа го сторија откако ги направија сите анализи и заклучија дека нема опасност со тој став по прашањето на идентитетот и на јазикот. Интересно е како и двајцата речиси три години оттогаш редовно не потсетуваат дека идентитетот и јазикот не смеат да бидат загрозени.
Ако пописот е техничка статистичка операција, за да не излезе средбата обичен шминкерај, тогаш остануваат двата јубилеја како суштина на средбата. А тука нашите двајца лидери се најјаки, на своето. Можеби за реални резултати не ги бидува, но кога станува збор за маркетинг, козметика, протокол и церемонии, за тоа се вистински шампиони. Што јасно се гледа сите години од нивното присуство на политичката сцена. Затоа, убеден сум дека како истомисленици, заеднички одлично ќе ги организираат прославите. Со голема воена парада за да биде достоинствено за државата и забавно за народот. Како во Северна Кореја, Зимбабве или Иран. Можат и да ја зголемат премијата на лото, користејќи буџетски извори и да го организираат сето тоа на плоштад. И неизоставно на плоштад да постават два огромни портрета со нивните ликови како симбол од дваесетгодишниот јубилеј од владеењето на црно-белиот свет во Македонија.
За претседателот да не го губи дигнитетот натаму со вакви средби, што по содржина, што по состав, би му сугерирал како прв меѓу нас да го искористи своето право и одговорност да иницира суштински процеси во државата. Има и премногу незавршена работа во многу области. Или, со други зборови, да покаже лидерство.
(Авторот е претседател на Социјалдемократска унија) |