Церемонија
Иванов: Тоше беше како Диоген со фенерот
На церемонија во резиденцијата на Водно претседателот на РМ го додели Орденот за заслуги за Македонија за Тоше Проески
Катерина Шекеровска
„Тоше беше како Диоген со фенерот, кој со музика ја бараше хуманоста во луѓето“, истакна претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов, на вчерашната свечена церемонија во претседателската резиденција на Водно на која постхумно додели Орден за заслуги за Македонија за Тоше Проески.
Македонската пејачка легенда го заслужи високото признание со исклучителниот придонес во промовирање и збогатувањето на македонските културни вредности, но и поради своите многубројни хуманитарни активности и афирмација на земјата во светот.
„Ќе бев среќен ако денес Тоше беше овде и лично го примеше овој Орден. Тој е човекот што не' поттикна со пишување нови страници од кои потомците по нас ќе умеат да ја дознаат вистинската димензија на зборовите љубов, надеж и вера. Со хуманитарните настапи и концерти не' задолжи да го продолжиме неговото дело. Со својот пример овој херој на современото време беше борец за вистинските вредности во животот. За неговиот искрен и длабок хуманизам и за неговите уметнички квалитети и обединувачка енергија денес постхумно му доделуваме Орден за заслуги за Македонија. Со овој чин, Македонија свечено се обврзува да го продолжи сеќавањето за својот голем син да ја негува уметноста и хуманоста со која не' збогати“, додаде претседателот на РМ.
Орденот за заслуги му беше врачен на Кристијан Ристески, внук на Тоше Проески, а на доделувањето присуствуваа поранешниот претседател Киро Глигоров, вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, Велимир Стојковски, министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска, градоначалникот на Општина Крушево, Василчо Дамчески, членови на семејството на Проески, претставници од фондaцијата „Тоше Проески“, музичари од неговиот бенд „Блу фанки индивидуалс“, соработници, пријатели...
Промовирани новата песна и спотот
Како претходница на доделувањето на Орденот за заслуги, во предвечерјето на големиот хуманитарен концерт, „Со љубов од Тоше“, вчера во хотелот „Александар палас“ се одржа и прес-конференција на која беа промовирани новата песна и спотот на Тоше, „Наслони главу на моје раме“. Станува збор за песна на „Тути фрути“, чии автори се авторите Нино Нинчевиќ и Миро Буљан, а која Тоше ја препеал во 2007
година. Записот за неа е снимен во Загреб со најсовремена техника за анимација, а неговата порака е дека позитивната енергија на Тоше е насекаде околу нас.
Голем хуманитарен роденденски концерт
Наум Петрески, Миле Кузмановски, „Синтезис“, бендот на Тоше, Елена Ристеска, Марко Возељ, Мартин Вучиќ, Антонија Шола, Јоана, „Црвена јабука“, Жељко Самарџиќ, Маја Оџаклиевска, децата од хорот „Златно славејче“ и членовите на музичкиот кабинет од Крушево, кои премиерно ќе ја испеат композицијата „Пасворд“ на музика на Тоше, со стихови на Огнен Неделковски и аранжман на Валентино Скендеровски... - се дел од учесниците на третиот хуманитарен концерт што ќе се одржи вечерва во спортската сала „Борис Трајковски“ во чест на роденденот на Тоше. На него официјална промоција ќе доживее и постхумниот албум „Со љубов од Тоше“. Патем, Министерството за култура, кое се јавува како покровител на настанот, им додели бесплатни билети на децата од Домот за деца без родители „11 Октомври“, Јавната установа за деца со социјално-воспитни проблеми „25 Мај“ и од СОС Детското село.
„Тоше Проески остави траен белег во севкупното живеење кај нас, но уште поважно е дека тој стана пример и обединувачки фактор за многу луѓе и за многу генерации“, истакна министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска на вчерашната прес-конференција по повод хуманитарниот концерт во чест на Тоше. Влезниците за концертот чинат 250 денари, а почетокот е закажан во 20 часот.
„Мал битолски Монмартр“ за Тоше
Во чест на 25 јануари, роденденот на Тоше, „Мал битолски Монмартр“ денеска ќе организира музички хепенинг под добро познатиот наслов „Тоше има само датум на раѓање“. Членовите на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, кои се подготвуваат и за прослава на сопствениот гол јубилеј, три децении на меѓународната ликовна колонија, најавуваат пригодна роденденска прослава.
„Достоинствено ќе го одбележиме 25 јануари, денот на раѓањето на Тоше, големиот пријател на „Мал битолски Монмартр“, манифестација врсник со големата поп-ѕвезда. Ќе приредиме музички хепенинг на кој ќе настапат Викторија Лоба и Димитар Андоновски, а на членовите на детското студио „Св. Кирил и Методиј“ ќе им ги доделиме наградите што неодамна ги освоија на втората светска ликовна изложба во Индија“, изјави раководителот на студиото Коста Хаџиантоновски. Покрај дечињата, и Хаџиантоновски ќе ја добие државната награда „Нехру“ за култура.
Почетокот на хепенингот е закажан точно напладне во Старата битолска чаршија.
Крводарителска акција
Денеска со почеток во 9 часот во холот на Домот на АРМ ќе се одржи крводарителска акција во чест на роденденот на Тоше, кој и самиот беше крводарител. Акцијата ја организира Црвен крст на Град Скопје во соработка со „Тоше фан клуб форум“. „Со оваа акција уште еднаш ќе му оддадеме почит на големиот хуманист Тоше Проески, кој со својата хуманитарна активност и натаму треба да остане позитивен пример за сите млади генерации“, велат од Црвен крст на Град Скопје. Акцијата за дарување крв завршува во 17 часот. |