Број 3461  понеделник, 20 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter
Култура

Интервју

„Струшки вечери на поезијата“ треба да се врати на изворните принципи

Раде Силјан, поет и актуелен претседател на ДПМ

Неколкумина помлади автори влеваат надеж дека нашата литература може да општи со развиените светски култури, вели Раде Силјан, поет и актуелен претседател на ДПМ

Невена Поповска

Деновиве беа промовирани Вашите избрани дела во шест тома. Тоа, секако, е голем проект, но и обемно творештво. Како гледате на проектот? Дали тој претставува еден вид заокружување на Вашата досегашна работа или поттик за нови творечки предизвици?

Во шестомното издание е направен пресек на моето творештво, создавано во временски период од скоро четири децении . Првите четири книги се целосно посветени на поезијата, почнувајќи од раните остварувања во стихозбирката „Третиот лик на времето“, па се до песните од последната поетска книга „Завештанија“, која излезе од печат годинава. Петтиот и шестиот том се посветени на критичко-есеистичката дејност. Во нив се застапени прилози за делата на осумдесетина македонски поети, прозаисти, драмски писатели и критичари.

Со овој избор сакав да понудам пред судот на јавноста одредена слика за мојата книжевна преокупација, без претензии тоа да биде сеопфатна претстава за целокупното мое поетско дело. Меѓутоа, ако се има во предвид фактот, дека песните ги обединува препознатлива тематска преокупација, тогаш би можело да се прифати констатацијата дека „речиси сета моја поезија претставува една единствена книга“. Оваа согледба на академик Матеја Матевски е прифатлива за многумина мои колеги, кои во континуитет ја проследуваат и ја афирмираат мојата поетика.

Книгите се проследени со извадоци од критиката. Вашата лирика критичарите ја оценуваат како лирика од отворен тип, објективна, читлива, запаметлива. Како ја прифаќаат читателите? Каков е Вашиот впечаток?

Констатацијата за отвореноста, читливоста, објективноста и запаметливоста на мојата поезија, изречена од врвни зналци на тековите на македонската поезија , претставува убав комплимент за мојот начин на пеење и мислење.Всушност, своите пораки ги упатувам до читателите, со цел тие да бидат разбрани, доживеани и прифатени. Можеби во нив провејува мачнина од времето и од сенките натежнати над нашите глави, катадневно присутни над нашата Татковина. Затоа убеден сум дека песните воспоставуваат искрен дијалог со читателите и иницираат актуелни теми од нашава современа живеачка.

Како поет и литературен критичар кој подолго време е дел од македонската книжевна историја, како ја оценувате состојбата во македонската литература денес? Дали имаме изградено стратегија за нејзин пласман во светот?

Во богатата и разгранета литературна дејност ние сме автономни и национално препознатливи. Но, нам ни треба осмислена стратегија за поамбициозно презентирање во развиените средини.Треба да се ослободиме од нашето фолклорно и снисходливо претставување преку демодираните домашни манифестации и фестивали, кои, рака на срце одамна си ја одиграа својата првична улога . Значи дел од силите и средствата треба да ги насочиме за преведување на други јазици на литературните дела со високи естетски вредности . Така работат нашите соседи, подучени од искуството на светските маркетиншки агенции, кои се занимаваат со пласман и со преведување на дела од недоволно познатите литератури.

Да се надеваме дека новата и амбициозна генерација ќе направи пресврт во овој поглед и ќе придонесе за нашето понагласено присуство во светот. За среќа, врз примерот на неколкумина помлади автори веќе имаме почетни резултати, додуша осамени, но видливи, кои ни влеваат надеж дека нашата литература може да општи со развиените светски култури.

Некои велат дека поезијата е во криза, во услови кога прозата е доминантна. Во криза ли е поетското творештво?

Македонската поезија во изминативе децении стана препознатлива и при��атливи од широк круг на читатели, така што не може да стане збор за криза на поетското творештво. Всушност, ако се направи еден строг критички преглед на продукцијата што денес се остварува кај нас, ќе дојдеме до непобитниот заклучок дека современата македонска поезија воспостави високи стандарди и на тематс��и и на естетски план. Имаме врвни поетски имиња, кои со својот обемен опус станаа наша школа и активно создаваат ( би рекол со младешки дух) и во својата деветта деценија од животот.

На чело сте на ДПМ кога соседна Грција ни го оспорува името на државата, кога пред меѓународната јавност ни е доведен во прашање и идентитетот. Кои се аргументите на писателите пред налетите на лагите на соседите и на сите што не им одговара македонската вистина?

На мапата на светската карта ние како народ сме реалност, со сите историски, општествени, национални и културни атрибути. Имаме и премногу славно име, наследено од предците, та затоа наша света должност е да го зачуваме и да се гордееме со него.

Во врска со македонското прашање уште во далечната 1884 година познатиот англиски патеписец Џејмс Минчин во „Тајмс“ запишал, дека националистите од соседните држави претпочитале да ги оставаат заспаните кучиња да лежат, со цел непречено да ги остварат своите пропагандни цели пред Македонците да покажат јасна национална свест. Но, еве по историскиот референдум во 1991 година, кога ја изгласавме нашата независност, се разбудија соседните кучиња и катадневно го раскинуваат нашето национално ткиво. Но, нашата судбина со векови сме ја носеле како тежок товар и сега при постоење на самостојна држава трпеливоста и мудроста ќе надвладеат и ирационалните барања на нашиот сосед достоинствено ќе ги надживееме.

Во 2011 година Струшките вечери на поезијата ќе го прослават своето петдецениско постоење. Дали ДПМ е вклучено во конципирањето и осмислувањето на јубилејната програма?

Друштвото на писателите на Македонија беше покренувач , долгогодишен креатор и носител на содржините на Струшките вечери на поезијата. Но, за жал во последниве години конципирањето и реализирањето на програмските содржини е доверено на Управниот одбор од петмина легитимно избрани членови . Учеството на нашата асоцијација во осмислувањето на содржините и во создавањето амбиент, може да биде од голем прилог, особено во годината кога оваа наша меѓународна манифестација ќе го прослави своето петдецениско постоење.

Струшките вечери на поезијата треба да се вратат на изворните принципи. Исто така оваа угледна меѓународна манифестација потребно е да се ребрендира и да понуди содржини кои ќе кореспондираат со новото време. Вистинска трансформација можат да извршат нови, млади кадри, кои без комплекси комуницираат со развиените светски центри.


#
Статијата е прочитана 223 пати.

Испрати коментар

Од: Stefce
Датум: 20.12.2010 14:18:28
Se razbira sekoja inovacija e dobrodojdena. Mislam na strushkite veceri.No kako da se rebrendira ako treba da se vrati izvorno......Ili treba da se rebrendirana kako DPM, mladi ili mlaadi vo duhot kako DPM.... ZZalno kako gi sogleduvaat tugjite slabosti a ne svoite Edni isti i bez nikava novina toa vo DPM.....
Од: TELEJ
Датум: 20.12.2010 16:38:55
Без ДПМ Струските вецери станаа балканска селска бакалница на петмина сегашни ајдуци. Силјан е во право

Најди! во Утрински
Култура
Да, сакаме танцов театар
Еднодневен фестивал на „ворлд мјузик“ во Битола
Римскиот форум доби втора книга
Конкурс за „Роман на годината“ на „Утрински весник“
Зимски приказни во „Три“
 

Kosovo election commission orders vote re-run
Moldovan PM hoping for quick end to coalition negotiations
Macedonia prepares for politically sensitive census