Зимски приказни во „Три“
И оваа зима издавачкиот центар „Три“ им подготви на своите читатели богата книжевна понуда. Под мотото „Пронајди ја твојата зимска приказна“, од денеска во книжарницата на „Три“ започнува третиот Зимски фестивал на книгата. Токму затоа што студените зимски денови се идеален период да се нурне во некоја убава приказна, „Три“ во својата фестивалска понуда вклучи некои од најдобрите и најактуелни светски наслови.
Крајот на годината ќе го донесе и крајот на една од најуспешните и најчитани книжевни книжевни остварувања – трилогијата „Милениум“ од шведскиот автор Стиг Ларсон. „Девојката што го урна осилото“ е уште една неверојатно возбудлива приказна со која Ларсон ја заокружува приказната за Саландер и Блумквист, за тајните на шведското општество, за корумпираноста на институциите, за финансиските проневери на големите компании, и за крајностите на човечкиот ум. „Ангел чувар“ е уште една волшебна приказна на големиот бразилски писател и миленик на читателската публика Пауло Коелјо. „Три“ го преведе и најсензационалното деби на светската книжевна сцена оваа година – романот „Подмолна убавина“ од Австралијката Ребека Џејмс. Книжевниот феномен, како што беше опишана од страна на американската критика, е книга што дефинитивно нема да ја остави рамнодушна помладата публика и сите оние што уживаа во книгите на Стефани Мајер. Книга што се чита во еден здив. Германскиот хит, „Ноќниот воз за Лисабон“, еден од најубавите современи романи, дефинитивно, е препорака за сите оние што уживаат во квалитетната литература. Тоа е роман за едно патување, не само низ Европа и нејзината историја, туку и низ нашите чувства и размислувања – еден многугласен еп, литературна радост за умот и чувственоста. Возбудлив, забавен, остроумен, ѓаволски бистар... се само дел од пофалбите што ги доби „Проектот Лазарус“, роман напишан од големиот писателски талент Александар Хемон, Босанец што живее и твори во САД. „Самарканд“ е уште еден голем хит што го подготвивме за овој фестивалски период. Тука се и „Хрониките“ на големата музичка легенда Боб Дилан. По многуте биографии напишани за него, Дилан, конечно, решава самиот да ја напише својата приказна. „Хрониките“ е необично, но крајно поучно дело, еднакво импулсивно, ексцентрично и инспирирачко колку и самата музика на Дилан.
Најмладите читатели ќе ги запознаат со едно ново другарче – младиот вештер и вредниот ученик од училиштето за магии во Врачкоград. (Н.П.) |