Ахмадинеџад направи скандал
Директно не ги обвини САД дека се дел од заговорот за 11-септемвриските напади
ЊУЈОРК - Американската и другите западни делегации во знак на протест не го ислушаа говорот на иранскиот претседател во ОН, во кој тој рече дека повеќето луѓе веруваат оти американските власти стојат за 11-септемвриските напади. Махмуд Ахмадинеџад имаше свое обраќање пред Генералното собрание на ОН во Њујорк. На американската делегација во заминувањето и' се приклучија и претставниците од сите земји-членки на ЕУ, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Костарика. САД ги опишаа неговите коментари како „гнасни и измамнички“. Но, Ахмадинеџад изгледа не го поколеба протестот и продолжи со напад врз ционизмот и Израел.
Говорот на иранскиот претседател беше делумно политички жесток напад, делумно проповед, јави дипломатскиот дописник на Би-Би-Си, опширна презентација на сопствениот поглед кон светот.
Ахмадинеџад директно не ги обвини САД дека се дел од заговорот за 11-септемвриските напади. Меѓутоа, тој навести дека една теорија, за која рече дека е популарна, е тоа што американските власти го организирале ова за да обезбедат изговор за да го променат намаленото влијание врз Блискиот Исток.
На тоа американските дипломати станаа и ја напуштија салата, а беа следени од британската и од некои западни делегации. Всушност, салата беше речиси половина полна. Повеќето високи западни политичари беа длабоко во дискусија на друга сесија за улогата на Советот за безбедност на ОН во мирот и безбедноста. Тоа не го одврати иранскиот претседател. Тој рече дека санкциите против Иран се неправедни и неефикасни и е подготвен за годишен јавен дијалог со американскиот претседател за презентирање на нивните разлики.
Иранскиот претседател изјави дека би бил домаќин на конференцијата за тероризам следната година и оти 2011 година треба да биде година на нуклеарното разоружување. Повторувајќи го иранското негирање дека се обидува да обезбеди капацитети за изградба на нуклеарно оружје, Ахмадинеџад рече оти некои членки на Советот на ОН имаат „нуклеарна енергија еднаква со нуклеарни бомби“.
Ахмадинеџад го почна својот говор со давање краток преглед на она што тој го нарече неуспех на постојниот светски поредок и капитализмот, велејќи дека светот треба да биде предводен од доблесни луѓе како пророците. Обраќајќи се пред Генералното собрание, Ахмадинеџад изјави дека, главно, американските владини официјални лица и државници се оние што веруваат дека милитантите на Ал Каеда ги спроведоа нападите во 2001 година врз САД.
Тој, исто така, наведе дека другата теорија е оти некои сегменти во американската влада го организирале нападот за да го анулираат падот во американската економија и нејзиното влијание на Блискиот Исток, со цел да го спасат ционистичкиот режим. Ахмадинеџад, вообичаено, му се обраќа на Израел како на „ционистички режим“. „Мнозинството од американскиот народ, како и голем број држави и политичари од цел свет се согласуваат со овој став“, вели Ахмадинеџад.
Во одговор на говорот Марк Корнблау, портпарол на американската мисија во ОН за новинската агенција АФП, изјави: „Место да ги претставува аспирациите и добрата волја на иранскиот народ, Ахмадинеџад повторно се одлучи да зборува за одвратни теории на заговор и за антисемитистички клевети што се толку гнасни и измамнички, колку што се предвидливи“. (Би-Би-Си) |