Број 3391  сабота, 25 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter
Свет

Боб Вудворд

Човекот што му направи „атентат“ на Никсон

Боб Вудворд по аферата „Вотергеjт“, не престанува да продава вистински стории од кулоарите на Вашингтон

Димитар Чулев



На вратата на неговата малечка канцеларија во „Вашингтон пост“, велат, стои едноставен напис: Боб Вудворд. Ретко е во канцеларијата која е скромно оградена со стакло има само биро, компјутер и полица за книги. Но, оние што минуваат пред вратата со респект го стишуваат гласот ��ред работната, условно речено, просторија на едно од најголемите имиња на американското пишувано новинарство. Условно, бидејќи Боб Вудворд, новинар по професија и репортер по вокација, никогаш не ги правел своите стории во канцеларијата, која денес е обележана со неговото име...

Човекот, кој во 1972 со својата новинарска „половина“ Карл Бернстин го разоткри скандалот „Вотергејт“, кој претставуваше своевиден „новинарски атентат“ и доведе до оставка на претседателот на Соединетите Држави. Ричард Никсон. деновиве одново ја „вознемирува“ Америка. Овој пат со најавата дека в понеделник во продажба излегува неговата последна книга „Војните на Обама“, новинарско истражувачко четиво кое открива пикантни детали за неполните две години на Барак Обама во Белата куќа.

„Советникот за национална безбедност Џејмс Л. Џоунс, политичките помошници на Обама приватно ги нарекувал ’бубачки‘, ’политбиро‘, ’Мафија‘“, пишува Вудворд, кој, тоа е повеќе од извесно, има дебели врски во Белата куќа што му обезбедуваат инсајдерски информации и пикантерии.

Нема сомневање дека и ова книга ќе биде уште еден бестселер: од 1974 до 2009 година Вудворд е автор или коавтор на 15 книги кои беа бестселери, а 11 од нив беа прогласени за најпродавани книги во годината кога беа пуштени во оптек. Литерарниот опус на Боб, надвор од дневното новинарство во својата матична куќа „Вашингтон пост“ е над 35 книги посветени или поврзани со или околу дворските игри во Белата куќа.

Седуммина американски претседатели, со еден или два мандата минаа низ перото на некогашниот студент на Универзитетот Јеил, кој прво замина да биде морнар, а по пет години и чин поручник, реши да се проба во новинарството. Прво го одбија, но по само една година стаж во локален весник, луѓето од „Вашингтон пост“ го најмија и... во септември 1971 година го направија најголемиот новинарски „дил“ во историјата на САД. Најмалку две Пулицерови награди што ги доби „Пост“ се негова заслуга.

По разоткривањето на аферата „Вотергејт“, тој и неговиот партнер Берстин го добија Пулицер за огромниот пресврт во американското истражувачко новинарство. „Вашингтон пост“ ќе добие Пулицерова награда и за серијалот написи за кулите-близначки, околу и по нападот од страна на Ал Каеда на 11 септември 2001 година. Најмалку шест од сториите, велат, беа авторско дело на Вудворд.

По „Вотергејт“, кога двајца новинари-почетници ги разоткрија нечистите игри на ЦИА, ФБИ и низа „сервиси“ американското новинарство стана бришан простор во кој и претседателите на најмоќната држава го загубија статусот на заштитен вид. Ричард Никсон, човекот на кого Америка и семејствата на 50.000 загинати во Виетнам му беа благодарни за завршувањето на таа војна на азискиот потконтинент, падна на глупава афера на прислушување на политичките опоненти во зградата „Вотергејт“, каде што беше сместен штабот на Националниот комитет на американските демократи.

Вудворд и Бернстин отидоа понатаму и на американските консументи им го понудија недокажаното во аферата во две политичко-детективски книжни изданија за падот на претседателот Ричард Никсон: „Сите луѓе на претседателот“ (1974) и „Последните денови“. Втората се појави некако во исто време со промоцијата на филмуваната верзија на првата книга во која Роберт Редфорд и Дастин Хофман ги толкуваат младите Вудворд и Берстин. Книгите и филмот ќе отворат една од најголемите мистерии во историјата на американското општество. Имено, кој бил „информаторот“ што им ги понудил (и зошто) на младите репортери на „Пост“ информациите за тајните ленти со прислушувани разговори за шпионирање, саботирање и заплашување на демократите, кои ги правеше кабинетот на тогашниот американски претседател, републиканецот Ричард Никсон. Професионалец, каков што ќе се докаже во годините и децениите потоа, Вудворд никогаш не го откри идентитетот на поткажувачот наречен „Длабоко грло“ (според многу популарниот хардкор порнографски филм од 1970-тите). Марк Фелт, помошник-директор на ФБИ, се разоткри самиот, три години пред својата смрт во декември 2008 година.

Роберт Боб Вудворд, роден во март 1943 година во Женева, сојузната американска Илиноис и денес е дел од тимот новинари на „Вашингтон пост“, иако тежиштето на неговиот интерес е публицистиката – пишување политички трилери: „Не прифаќам се' што тој ќе напише како госпел – тој знае и да згреши во деталите, но убеден сум дека тој го пишува само тоа што тој го смета дека е вистина, или му било кажано дека е вистина“ – ќе напише за Вудворв во своите мемоари Дејвид Герген, близок соработник на Никсон во Белата куќа и човек кој останал уште три мандати на значајно место во американската администрација.

Бен Бредли, главен уредник на „Вашингтон пост“ во времето кога беше откриена аферата „Вотергејт“, ќе го опише младиот Вудворд како „...сигурно најдобриот од неговата генерација во истражувачкото новинарство, најдобриот кој било кога сум го сретнал“.

Но, не е мал бројот на негови критичари што го обвинуваа за фабрикување информации добиени од непроверени и неидентификувани извори врз чија основа донесувал погрешни заклучоци и судови што ги покривал со одличниот раскажувачки стил кој минува кај читателите.

Како и да е, новинарот и публицист Вудворд успеа да се справи и со критиките еднакво како и со пофалбите што не го измамија да оди во прерана пензија. Добитник на речиси сите престижни награди во американското новинарство и публицистика, тој работи како новинар-уредник, држи предавања на разни лоби-групи и институции за хонорари од 15 до 60 илјади долари кои одат на сметка на неговата Woodward Walsh Foundation, а главна преокупација му се Белата куќа, дејствувањето на разузнавачките служби, Пентагон, политичките интриги и заговори во Вашингтон кои не престанува да ги публикува во своите книги.

Само како куриозитет: тој помина повеќе од кој било друг новинар со претседателот Џорџ Буш помладиот, со кого направи дури шест интервјуа во вкупно траење од 11 часа. Неговите „записи од новинарскиот бележник“ ги преточи во четири книги посветени на мандатот на Буш, нападите по 11 септември, војната во Авганистан и онаа во Ирак.

Не бил секогаш во право: како гостин во емисијата на популарниот Лари Кинг, на прашањето на гледач „што ќе се случи ако во Ирак нема оружје за масовно уништување, Вудворд ќе се посрами со одговорот: „Шансите да се случи тоа се еднакви на нула. Го има и тоа премногу“.

Доследен на својот стил изворно да се дојде до информација, и во својата 67. година од животот, Вудворд работи како теренец. Живее во Џорџтаун (дел од Вашингтон), заедно со сопругата Елза има две ќерки и никогаш не побара (заради сопствена и заради безбедност на семејството) од телефонскиот именик на Вашингтон да биде избришан неговиот телефонски број и адресата. Вели, тоа е така зашто сака да остане достапен за потенцијален извор на информации кој сака да контактира со него.


#
Статијата е прочитана 862 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Свет
Ахмадинеџад направи скандал
Стоп за репатријацијата на Ромите во Косово
Елизабета немала пари за парно греење
Кога лидерите се глупираат
Париз нема насилно да ги ослободува заложниците во Нигер
Умре пучистот против Горбачов






Another French general takes over as head of Eulex
EU officials and Brammertz clash over Serbia
Fear of toxic sludge spread after Hungary catastrophe