Сегашната воена стратегија во Авганистан не дава резултати
Американскиот генерал Стенли Мекристал ја споредува американската армија со бик што се бори со матадор
Во извештајот на највисокиот американски генерал во Авганистан се очекува да се наведе дека сегашната воена стратегија не дава резултати, дознава Би-Би-Си. Генералот Стенли Мекристал ја споредува американската армија со бик што се бори со матадор (Талибанците), малку ослабнат од секое „сечење“ што го добива. Во неговиот извештај се очекува да се наведе дека заштитата на авганистанскиот народ од Талибанците мора да биде најголем приоритет. Меѓутоа, во извештајот нема да има директен апел за зголемување на бројот на војници во земјата.
Информациите за извештајот на генералот Мекристал дојдоа во време додека се очекуваат дополнителни резултати од минатонеделните претседателски избори. Претседателот Хамид Карзаи засега е во предност. Независната изборна комисија за жалби соопшти дека од повеќе од 2.100 наводи за престапи за време на гласањето и пребројувањето на гласовите, 618 се сметаат за доволно сериозни да влијаат на изборниот резултат, доколку бидат докажани.
Матадорот што се бори со бикови на генералот Мекристал е впечатлив, бидејќи за американски команданти е невообичаено да зборуваат за сопствените вооружени сили. Острата оцена на генералот, исто така, ќе покаже дека авганистанскиот народ бележи криза на довербата, бидејќи војната против Талибанците не им ги подобри нивните животи. Генералот Мекристал изјави дека целта треба да биде авганистанските сили да го преземат водството, но нивната армија нема да биде подготвена да го направи тоа во следните три години, а ќе биде потребно многу повеќе време за полицијата. И тој предупреди дека треба да се преземат селата од Талибанците и да се задржат.
Генералот Мекристал, исто така, сака поголемо справување со талибанските борци и верува дека 60 отсто од проблемот ќе исчезне ако можат да најдат работа.
Повеќе од 30.000 дополнителни американски војници се испратени во Авганистан откако претседателот Барак Обама во мај нареди засилување, речиси двојно зголемувајќи го контингентот на неговата земја, и зголемувајќи го вкупниот број западни сили на вкупно 100.000. Во овој извештај не се спомнува зголемување на бројот на војници, тоа е за друг извештај кон крајот на годинава, но се забележуваат навестувања.
Но, кога извештајот на генералот Мекристал ќе се најде на масата на претседателот Обама, тој ќе треба да размисли за импликациите од зголемен ангажман во конфликтот за кој анкетите покажуваат дека ја губи ��оддршката меѓу американскиот народ. Најновата анкета на „Вашингтон пост-АБЦ“ покажува дека само 49 отсто од Американците сега сметаат оти борбите во Авганистан се вредни за трудот. (Би-Би-Си)