Демократите добија задача да ја спасуваат Јапонија
ТОКИО - Следниот јапонски лидер Јукио Хатојама, по историската изборна победа, вчера се соочи со задача за формирање влада, која ќе одговори на предизвиците како оживување на економијата и поставување нови односи со сојузникот Вашингтон.
Победата на неделните избори на Демократската партија на Јапонија (ДПЈ) стави крај на полувековното речиси непрекинато владеење на Либералдемократската партија (ЛДП) и ќе го прекине застојот во парламентот, создавајќи простор за влада што вети дека ќе се фокусира на потрошувачката на населението, ќе ги прекине расипничките буџетски издатоци и ќе ја намали моќта на бирократите. Меѓутоа, неискусните демократи, кои ќе се соочат со избори во Горниот дом за помалку од една година, ќе треба брзо да реагираат за да ја задржат поддршката меѓу гласачите, кои се загрижени поради рекордната стапка на невработеност и брзото стареење на населението, што, пак, ги зголемува трошоците за социјално осигурување.
„Беше потребно многу време, но на крај, сепак, дојдовме до стартната линија“, изјави Хатојама на вчерашната прес-конференцијата во својот дом во Токио. „Ова во никој случај не е дестинацијата. Се' додека сме во можност да ја придвижуваме политиката, да креираме нов вид политика, што ќе ги исполни очекувањата на народот“.
Финансиските пазари го поздравија крајот на политичкиот ќор-сокак кој ја осуети политиката додека Јапонија се справува со најлошата рецесија од Втората светска војна. Демократите и нивните мали сојузници во 2007 година обезбедија мнозинство и контрола на горниот дом.
Хатојама изјави дека нема да го објави составот на својот кабинет се' додека и официјално не биде избран за премиер на специјална сесија на парламентот, најверојатно за околу две седмици. Се' уште не се обелоденети официјалните бројки од изборите, но медиумските прогнози покажуваат дека демократите имаат освоено околу 308 места во 480-члениот долен дом, во споредба со само 119 места за ЛДП.
Аналитичарите наведуваат дека една деценија старите планови за трошење на демократите би можеле да обезбедат краткорочно подобрување на економијата, која тукушто излегува од рецесија, но се загрижени дека нивните програми ќе го зголемат јавниот долг, кој веќе изнесува околу 170 проценти од БДП. „Проблемот е колку демократите навистина можат да испорачаат од ветувањата во првите 100 дена. Ако набрзина постигнат согласност за новиот состав на владата, тоа ќе ја намали загриженоста на пазарот околу нивниот капацитет за владеење“, изјави Коичи Хаџи, главен економист во истражувачкиот институт НЛИ.
Победата на Демократската партија му стави крај на трипартитното партнерство меѓу ЛДП, големиот бизнис и бирократите, кои ја претворија Јапонија во економска неодолива сила по поразот во Втората светска војна. Таа стратегија се изјалови кога економскиот „меур“ на Јапонија пукна во доцните осумдесети години на минатиот век и оттогаш развојот стагнираше. (Ројтерс) |