Берлускони отвори автопат во Либија
Автопатот ќе ги поврзува Тунис, на западната граница на Либија, и Египет, соседна земја на источната страна
ТРИПОЛИ - Италијанскиот премиер Силвио Берлускони, кој се наоѓа во куса посета на Либија, го отвори првиот дел од новиот автопат на северноафриканското крајбрежје од 2.000 км. Автопатот ќе ги поврзува Тунис, на западната граница на Либија, и Египет, соседна земја на источната страна. Неговата посета е со цел да се одбележи една година откако Италија и Либија потпишаа пријателски договор. Сепак, тој нема да присуствува на настаните за одбележување на 40-годишнината од воениот удар, со кој либискиот лидер Моамер Гадафи дојде на власт.
Церемонијата за отворање на автопатот се одржа со огромна фотографска заднина на која Берлускони се ракува со полковник Гадафи пред една година, кога двете земји потпишаа договор за пријателство, и ги надминаа сите поранешни спорови, наследени од деновите кога Либија беше италијанска колонија. Акробатски тим на италијанските воздухопловни сили леташе, оставајќи зелени траги - националната боја на Либија - како поздрав за поранешната северноафриканска колонија на Италија.
Берлускони откри плоча во знак на сеќавање на почетокот на изградбата на новиот автопат на крајбрежјето, во присуство на либискиот лидер. Италијанскиот фашистички диктатор Бенито Мусолини го изгради сегашниот тесен пат на крајбрежјето во две насоки, како подвиг на воено инженерство во тоа време. (Би-Би-Си) |