Конзервативците на Меркел претрпеа регионални порази
Високи членови на ЦДУ, по поразот во три сојузни држави, побараа поагресивна кампања
БЕРЛИН - Високи членови на конзервативната партија на канцеларката Ангела Меркел вчера предупредија дека големите порази на регионалните избори што се одржаа викендов се повик за будење еден месец пред изборите во Германија и побараа поагресивна кампања. Конзервативците имаат двоцифрена предност во однос на нивните главни ривали, Социјалдемократската партија (СПД) на регионалните избори, пред изборите на 27 септември на кои Меркел веројатно ќе биде реизбрана. Меѓутоа, не е познато дали таа ќе може да формира централно-десничарска влада со посакуваниот партнер, проделовната Партија на слободни демократи (ФДП), или ќе заврши во втора „голема коалиција“ со СПД.
Конзервативците на Меркел во неделата претрпеа двоен удар кога опадна поддршката за нејзината Демохристијанска партија (ЦДУ) за повеќе од 10 поени во две држави - Сар, на границата со Франција, и Тирингија во поранешниот комунистички источен дел. Лидерите на ЦДУ во двете држави би можеле да бидат истиснати од левоориентираните коалиции иако на изборите во источната држава Саксонија ЦДУ има изгледи да остане на власт, веројатно во коалиција со ФДП.
Конзервативците се загрижени дека би можеле да претрпат поголемо опаѓање на поддршката, како последните седмици од кампањите во 2002 и во 2005 година. „Ова е повик за будење за сите во конзервативната партија, кои веруваат дека изборната победа на 27 септември е завршена работа“, изјави Волфганг Босбах, заменик-претседател на парламентарната група на конзервативците за Баварското радио. Социјалдемократската партија, со која Меркел ја дели власта од 2005 година, е охрабрена од резултатите, иако добивките се скромни. Главниот ривал на Меркел, Франк Волтер Штајнмаер, изјави дека резултатите се во поволна насока за неговата партија. „Две работи се јасни: конзервативците претрпеа драматични порази и не постои желба за коалиција меѓу конзервативците и ФДП“, изјави Штајнмаер за дневниот весник „Хановерше алгемајне“.
Сепак, конзервативците ќе искористат каква било соработка меѓу нивната партија, Партијата на зелените и екстремната Партија на левицата, на државно ниво за да ги предупредат гласачите на опасниот „црвен бран“. Некои конзервативци ја критикуваа стратегијата на нивната партија во кампањата дека е премногу воздржана. Досега Меркел многу не се појавуваше во јавноста и нејзин приоритет е избегнувањето грешки. (Ројтерс) |