Број 3260  сабота, 17 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Политика

Јунската одредница ја менува реториката на Ахмети

Експертите предупредуваат дека лидерот на ДУИ ќе покажува поголема смелост се' до јуни

Светлана Унковска


Во очекување на јуни... Овој месец се смета за рок кога се најавува пресврт во однесувањето на албанскиот коалициски партнер во власта ДУИ. Дали интегративците ќе го засилат притисокот кон поголемиот владин партнер и дали лидерот на партијата Али Ахмети ќе успее да се извлече од политичкиот конформизам во власта, во кој толку удобно се смести? Доколку звучеше малку изненадувачки кога Ахмети на последната средба со премиерот Никола Груевски рече дека му „испорачал предлози“ на својот коалициски партнер за проектот „Скопје 2014“, сега прозвуче уште почудно дека му поставил конкретни услови за уставните реформи.

Многумина се прашуваат дали храброста на Ахмети и натаму ќе се зголемува правопроционално со приближувањето на јуни, кога завршува шпанското претседателство, а во чиј мандат се очекува да се постигне решение за спорот со името? Доколку, пак, исходот е негативен, се предвидува владина криза и политичка дестабилизација во режија на ДУИ.

Забележливо е дека во последно време албанскиот партнер на Груевски не ги испраќа пораките од Тирана, туку се осмелува тоа да го прави од тука. Ахмети, во последната изјава дадена за телевизијата Алсат-М, отворено му се закани на Груевски. Рече дека ако не се прифатат барањата од албанските партии за уставни реформи, тогаш и ДУИ нема да ги изгласа промените, а во иднина тоа ќе има сериозни последици и при гласањето за другите закони во Собранието.

Веќе не излегува ниту со различни ставови во однос на реакциите на партиските функционери. Во последната жестока критика на Ермира Мехмети Деваја во однос на скриените писма од Европската унија отворено рече дека не се согласуваат со недемократските политики на поголемиот партнер во власта, ВМРО-ДПМНЕ. „Не сме дел од ова сценарио што е упад во демократијата. Недозволиво е да се прекинува или да се забранува отворената комуникација со европските институции. Собранието е највисок претставнички дом, во него демократијата мора да се практикува на дело и, се разбира, да постои дебата, размена на аргументи, отворени дискусии во интерес на граѓаните, а не во интерес на одредена владина коалиција“, остро го критикуваше однесувањето на својот коалициски партнер Мехмети Деваја. И ако досега беше практика по ваков напад Ахмети веднаш да се јави со смирувачки, но спротивни ставови, сега веќе го нема тоа.

Политичките аналитичари оценуваат дека Ахмети со менувањето на односот п��ед владиниот партнер покажува колкава е, всушност, неговата политичка немоќ. Не може да влијае внатре во Владата преку своите министри, па затоа сега тоа мора да го прави преку јавноста. Сменетите тонови, анализираат тие, се јасен знак дека Ахмети знае што ќе се случи по јуни и затоа се подготвува за предвремени избори.

Политичкиот аналитичар Артан Садику вели дека од последните изјави на лидерот на ДУИ може да се извлечат три можни заклучоци.

„Првиот заклучок е дека со последните ултиматуми, како и со пуштањето информации дека ќе излезат од власта покажуваат колку тој и неговата партија имаат суштествено слаби позиции, па затоа мора и преку јавноста да вршат притисок. Вториот заклучок е дека работите почнуваат да се придвижуваат, условно речено, кон одлуката за напуштање на Владата, но не пред јуни. И третиот заклучок е дека Ахмети, и да не сака, мора да презема чекори, бидејќи рејтингот на неговата партија незапирливо паѓа во споредба со ДПА“, вели тој и прогнозира дека во иднина може да се очекува и поголема и поостра критика кон Груевски.

Забележително менување на реториката на Ахмети гледа и професорката Билјана Ванковска, која смета дека тоа е само подготовка за предвремени избори.

„Реториката на Ахмети веќе се менува и тоа под притисок и на дел од членството и на конкуренцијата во албанскиот политички блок. Но, не е исклучена и фингирана радикализација за да се предизвика политичка криза, односно предвремени избори. А на избори се победува со радикални и со ’машки‘ ставови“, истакнува Ванковска.

Досега молчаливиот Ахмети ги оставаше своите партиски колеги Теута Арифи, Ермира Мехмети Деваја, па и Џеват Адеми, да фрлат по некоја отровна стрела кон посилниот партнер. Но, сега ситуацијата ја презема во свои раце. Тој веќе не се обидува да ги смири страстите што, одвреме-навреме, знаеја да ги потпалат неговите сопартијци. Нејасно е и дали министрите на ДУИ што од почетокот се однесуваат како да се изгубени во политичката магла, ќе му се придружат на својот лидер.

Освен вицепремиерот Абдулаким Адеми и понекогаш министрите за труд и социјала и за здравство - Џелил Бајрами и Бујар Османи, кои се појавуваат во јавност, од другите нема ниту трага ниту глас.

Константното отворање фронтови и провоцирање од страна на Груевски и неговата партија кон својот партнер, единствено беше во насока да се стави ДУИ пред големо искушение да ја напушти владината коалиција. Толерантноста, пак, на Ахмети резултираше со губење на рејтингот и заостанување зад иницијативите на помладиот опонент од албанскиот блок, Нова демократија на Имер Селмани.

„Во комбинација со намалувањето на рејтингот, тешко е да се поверува дека ова е блеф на Ахмети, затоа што тоа би значело апсолутно политичко самоубиство. Секој ден се' повеќе се чувствува дека државата, односно Владата, не функционира и оти се менаџираат лоши одлуки. Ова на некој начин се знаци на последен расцеп на владината коалиција, затоа што тие веќе не се во можност дури да ги менаџираат работите и дојдено е до ниво на медиумско комуницирање“, проценува Садику. Тој истовремено смета оти чекорите што сега ги презема Ахмети се подготовка за излегување од коалицијата, затоа што во спротивно, партијата ќе ја изгуби поддршката од албанскиот електорат.

„До јуни не очекуваме никакви значајни промени што се однесува до големите прашања, како што се името, ЕУ, уставните измени, но смената на шпанското претседателство на ЕУ без решавањето на статус кво состојбата во однос на евроинтеграциите може да претставува повод, а не причина за излегување на ДУИ од Владата“, оценува Ванковска. И покрај решението на ДУИ и на НД за обединување и заеднички настап во работната група за решавање на барањата за уставните промени, односно за воведување Бадентеров принцип во донесувањето одлуки во највисоките судски органи, таа смета дека нивната соработка ќе остане само на тоа ниво и оти понатамошна хомогенизација не е остварлива. Со се' погласните најави за предвремени избори отпаѓа и можноста политичките субјекти на Албанците да настапат со заедничка платформа во која јасно би ги изнеле своите барања во врска со евроатлантските интеграции.


#
Статијата е прочитана 1087 пати.

Испрати коментар

Од: забеган
Датум: 17.04.2010 08:52:02
Дали до јуни завршуват тендерите????????.
Од: Komentator
Датум: 17.04.2010 15:38:12
Gospodinot Ahmeti...se vrti kako soncogled...samo ovaa prolet nekako poveke dozd otkolku sonce...pa resil od doma poraki da praka a ne od maticata Albanija...Ama mnogu sakam da znam gospodine. koga vaka se zakanuvate taa zakana ide na Albanski ili Makedonski jazik.. a prasuvam ednas da se resi prasanjeto. dali plata da vi dademe vo LEKI ili DENARI..prasanje e konecno sega....!!!.
Од: граѓанин
Датум: 17.04.2010 22:06:09
.Какви можни три заклучоци,Артан,какви леки и денари бре,коментатор,и кави тендери.Тешко на оваа државичка,каде ама баш сите до еден не обрнуваат внимание на алармите од сите страни,дека работава колку е добра , толку е сложена.Ако,игнорирањето,иронијата,цинизмот,...сме ги одбрале како седативи од неможноста да се соочиме со реалноста,навистина си имаме голем проблем..Статусквото и возењето во лер е само привидно добивање во време,но всушност е фатаморгана пред очите на европската е светската јавност.Каснењето во интегрирањето внатре и надвор не е иста работа или еден исти испит низ повеќе семестри.ЕУ интеграцијата,е нешто друго.Велеслалом на иста патека е сериозна работа..Подеднакви се шансите кој и да е да го скрши носот.

Најди! во Утрински
Политика
Дожд ќе врне до среда
Медал за Глигоров од Медведев
Во Македонија има само четири осветлени тунели
Текстот за Македонија најкоментиран во историјата на „Економист“
Груевски се инаети со Брисел
Владата доволно ги помагала лозарите
Платите во здравството доцнат