Втора фаза од канализацијата во Илинден
Во општината Илинден вчера беше поставен камен-темелник на втората фаза од фекалната канализација со должина од 6.000 метри. Вкупната вредност на проектот изнесува 35 милиони денари, а парите се обезбедени од буџетот на Општината и од Министерството за транспорт и врски.
Стартот на градежните активности на вториот сегмент на фекалната мрежа за прифаќање и третман на отпадните води симболично го означи градоначалникот на Илинден, Жика Стојановски.
Со градежните зафати е планирано поставување и инсталирање пречистителна станица која ќе ги задоволува потребите на 1.250 жители.
На подрачјето каде што се гради фекалната мрежа во изминатиот период често пати и при најмали дождови надополнети со високото ниво на подземни води и излевање на водите од септички јами биле поплавувани дворовите, куќите и локалните патиштата.
Изградбата на вториот сегмент од фекалната канализација ќе се надополни и поврзе со завршениот и функционален прв дел, а потоа се планираат и следни фази за проширување на мрежата на целата територија на општината Илинден. (Сн.К.)
|