Поради дефектот, вчера без вода останаа делови од Аеродром
Раскрсницата кај Мајчин дом во општината Аеродром вчера личеше на езеро. Од 10 часот изутрина таа беше поплавена со вода која прскаше од неколку места од пукната цевка, дефект кој го предизвикале екипите на приватна фирма. Тие работејќи на инсталација на кабли потребни за зелениот бран на семафорите, не сакајќи ја пробиле цевка со профил Ф 300. Прскањето на водата предизвика отежнато одвивање на сообраќајот, а поради дефектот, зградите и другите субјекти на улица „Васко Карангелевски“ останаа без вода повеќе часа.
За кусо време на самото место пристигна директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Игор Арнаудов, како и градоначалникот Коце Трајановски, кој минуваше по булеварот враќајќи се од промоцијата на зонското паркирање во Аеродром. И двајцата ветија експресно санирање на дефектот за да се стабилизира сообраќајот, но, пред се', да не се случи граѓаните да немаат проблем со водата до попладне. Не можеа да проценат колку време ќе биде потребно за целосно отстранување на дефектот, за што беа ангажирани дваесетина работници од водоводното претпријатие.
Градоначалникот Трајановски вчера истакна дека висината на штетата допрва ќе се утврдува, но очигледно било оти таа е голема. Тој додаде дека виновникот ќе одговара за неа. Дефектот предизвика и оштетување на дел од асфалтот поради ерозија и истекување на водата. (Дс.Т.)