Кристина Арнаудова
Моја��а прва Нова година со Максим
„Нашиот живот доби една сосема нова димензија“, вели популарната пејачка, која повеќе од еден и пол месец ужива во прегратките на своето првороденче, во неговото гугање и во насмевките
Катерина Шекеровска
За Кристина Арнаудова ова е, дефинитивно, најубавата Нова година. Во топлината на семејниот дом е весело - едно и полмесечното синче Максим, првороденче на Кристина и на нејзиниот сопруг Александар Петровски, штотуку научи да гуга, да ги крева рацете и да дели насмевки. Сака музика, ужива во песните што му ги пее мама во моментите кога има грчеви во стомачето, а најсигурен е во рацете на тато, кој се покажа како вистински мајстор за бањање. Штркот не можеше да им донесе поубав подарок во 2010 година.
„Деновиве постојано размислувам околу тоа и постојано повторувам дека ова е најубавата Нова година за мене досега. За прв пат не сакам да работам и да одам некаде“, вели Кристина, која, сепак, за радост на нејзините обожаватели, вечерва ќе има краток 30-минутен настап на скопскиот плоштад. „Единствено, сакам да сум дома со моите најмили и со моето мало бебенце, кое ме научи дека љубовта немала граници и човек можел да сака некого бескрајно многу! Нашиот живот доби една сосема нова димензија, а тоа можат да го знаат само оние што се веќе родители, бидејќи и јас до скоро не верував дека доаѓањето на свет на нов член во семејството може да донесе толкава радост и позитивна енергија во домот“.
Максим неодамна наполни 40 дена. Повеќе од еден и пол месец семејството Петровски живее во еден сосема поинаков ритам, се' е подредено на синчето и на новите работи што секојдневно им ги сервира на своите родители. „Живееме во една невидена љубов и идила, постојано се радуваме за се' ново што ќе научи, се радуваме кога се смее, а се смее многу, се радуваме што научи да подждригнува убаво, па не го боли веќе толку стомачето, што научи да гуга, да ги крева рацете и што сака музика!“, раскажува Кристина. Првороденчето е центарот на нивниот свет, центарот на сите случувања. Мама вели дека секој ден се' повеќе добива карактерни особини на човек. „Веќе не е новороденче, туку весело бебе што расте со брзина на светлината, а ние не сакаме да испуштиме ни еден миг од тоа, па сме постојано покрај него. Особено јас, немам воопшто желба да правам ништо друго, освен да бидам покрај него!“
Максим е прекрасно, весело, мирно бебенце, кое е многу насмеано и многу темпераментно, убаво и мирно си спие и јаде... „Понекогаш како и сите бебиња го боли стомачето, па солзичките ги сопираме со песнички кои јас му ги пеам понекогаш и со часови, но од ден на ден е се помирен, па сме многу среќни поради тоа, со оглед на тоа што сме слушале колку бебињата знаат да плачат и да ги остават своите без сон. Должностите ги прифатив речиси неверојатно лесно, како отсекогаш да сум била спремна за тоа, а за бањањето, главен е тато Александар, кој е прекрасен татко, а јас само асистирам. Имам голема помош од сопругот и од мајка ми, сите подеднакво се грижиме за Максим, па ништо не ми е тешко!“
Вечерашниот настап на скопскиот плоштад е прво одвојување на Кристина од синот. За среќа, таа ќе биде отсутна од дома само еден час. „Кога би се работело за целовечерен настап, мислам дека не би можела да го оставам, бидејќи во овој момент тоа ми е незамисливо, едноставно, не сакам да бидеме одвоени ни миг и сакам да знае дека неговата мајка е секогаш тука до него. Секако дека со оглед на мојата работа ќе морам да се навикнам и на тоа, на настапи и патувања, но мислам дека тоа ќе го сведам на минимум и секогаш кога ќе биде возможно тоа, Максим ќе го земам секаде со мене...“
Крајот на секоја година е резервиран за ретроспектива. Како Кристина ја оценува 2010 година? „Најубавата година што ќе ја паметам целиот мој живот! Најголемата среќа ми се случи оваа година! За професионален план не би зборувала, со оглед на тоа што ја прескокнав и паузирав од се оваа година“.
Во Новата година таа посакува: „Да сме здрави, среќни и насмеани, полни со љубов секој ден од нашите животи, како што сме сега! Кога човек го има тоа, има се'!“
А по Нова година, здравје Боже, на ред доаѓа и работата - музиката и завршување на албумот што е во подготовка. „Тоа е еден многу амбициозен проект, за кој е потребен сериозно голем ангажман и сериозно голем буџет, па се надевам дека ѕвездите ќе ми бидат наклонети и ќе успеам во она што го замислив и што го започнав! Господ е со мене, и верувам дека патот им �� отворен на луѓето со чиста душа и добра мисла. И, секако, на луѓето што веруваат во себе и што знаат што сакаат! За материјалот ќе зборуваме кога ќе го слушнете, а сега само ветувам дека ќе дадам се' од себе и дека ќе има што да се слушне. Она што недостасува на оваа МАК-сцена веќе подолго време - музика!“, завршува Кристина Арнаудова. |