МРТ, сепак, наплатувала радиодифузна такса од куќните совети
Критериумот бил дали куќните совети остварувале дополнителни приходи
Снежана Калабакова
Само куќните совети што остваруваат приходи се обврзници на радиодифузната такса, тврдат од МРТ. Дали оваа давачка ќе ја плаќаат и Заедниците на сопственици, Управниот одбор на МРТ ќе одлучува утре, а веднаш потоа и ќе информира, вели Петар Каранаков, првиот човек на националниот радиодифузен сервис.
Тој додава доколку со одлуката што ќе биде донесена, радиодифузната такса стане обврска и за новоформираните заедници на сопственици, кои допрва се регистрираат, тогаш за нив куќата ќе побара и евиденција од Централниот регистер на Македонија, а потоа и ќе им достави сметки.
Сега сметки за радиодифузна такса МРТ испратила само до старите регистрирани куќни совети, кои и досега функционирале како правни лица што остваруваат приходи. Такви, велат од МРТ, се меѓу 10-15 куќни совети. Но, ова не го објаснува фактот зошто куќен совет од населбата Капиштец, кој, пак, тврди дека не остварува никакви приходи, добил сметка за радиодифузна такса. Исто така, за овој куќен совет и натаму останува неодгатнато и прашањето зошто во Централниот регистер им биле наплатени 2.400 денари за легитимно регистрираниот куќен совет да се пререгистрира во Заедница на сопственици, наместо 1.603 денари. Во институцијата им било речено дека ова е помалата сума што требало да ја платат, бидејќи согласно со законската процедура, за да ги избришат од евиденцијата на куќни совети требало да искешираат 1.300 денари, а потоа за да се евидентираат како Заедница на сопственици и да уплатат 1.603 денари. Во Централниот регистер досега се регистрирале 1.250 заедници на сопственици, а 300 се во процедура да бидат регистрирани. Од оваа институција тврдат дека заинтересираноста на куќните совети е голема со оглед на тоа дека претходно од цела Македонија годишно регистрирале по 50 куќни совети, а сега регистрираат по исто толку дневно.
„Иако како куќен совет не остваруваме никакви приходи, сепак, добивме сметка да платиме радиодифузна такса за 12 месеци по 130 денари. Токму затоа поднесов жалба до Управниот одбор на МРТ и сега чекам одговор“, вели Зоран Поповски, претседател на куќен совет на една зграда од населбата Капиштец во Скопје.
Овој куќен совет како и други претходно регистрирани според Централниот регистер на Македонија бил поштеден да плати поскапо, но и да потроши повеќе време во процедурата. Од оваа институција велат дека според член 134 став 2 од Законот за домување, определено е дека со назначувањето на управител или со регистрирањето на заедницата на сопственици престануваат да постојат куќните совети. Согласно со тоа, граѓаните што веќе имаат регистрирано куќен совет, потребно е да поднесат пријава за упис на нивно бришење потоа да можат да регистрираат Заедница на сопственици. За да им се излезе во пресрет и за да се намали времето за регистрација, а исто така и трошоците, наместо прво да се изврши бришење, па после тоа повторно основање, Централниот регистар врши пререгистрација на овие куќни совети и за тоа наплаќа само како за основање.
Нема дополнителни давачки за станарите
Од Министерството за транспорт и врски демантираат дека од куќните совети се наплатува радиодифузна такса. „Со Законот за домување е пропишано регистрирање на заедниците на сопственици на посебните делови во станбените згради, со цел нивно поефикасно функционирање во корист на сите станари и со овие законски одредби не се предвидуваат дополнителни давачки за граѓаните“, се наведува во реакцијата на Министерството. „Законот за домување определува дека заедницата на сопственици со регистрацијата во Централниот регистар добива својство на правно лице со единствена цел - управување на станбената зграда и не може да врши друга дејност. Заедницата ја составуваат сопственици на посебните делови во станбената зграда што не подразбира стекнување статус на вработено лице во правното лице. Имено, во согласност со член 146 од Законот за радиодифузна дејност, радиодифузна такса плаќаат ’правни лица и сопственици на деловен простор, на секои 20 вработени или други лица што го користат деловниот простор, по една радиодифузна такса‘“, објаснуваат од Министерството. |