Антикорупционерите останаа без пари
Во ребалансираниот буџет се предвидени пари само до крајот на август
Катица Чангова
Владата силно го стегна ременот околу Антикорупциска комисија. Се' повеќе се зголемува притисокот врз работата на институцијата, која е конституирана за да ја лови корупцијата и да го открива криминалот првенствено во високите ешалони на власта. Кабинетот на Никола Груевски го постигнува тоа на два испробани начина.
Прво, со финансиски удар врз контото на комисионерите и со неизвесноста во исплатата на нивните хонорари. Антикорупциска комисија е оставена буквално без пари. Финансиските средства во ребалансираниот буџет не само што се драстично скратени туку не се предвидени за работењето до крајот на годината.
Второ, со законски удар што меѓу другото навлегува и во мандатот на членовите. Најновите измени на Законот за спречување на корупцијата што во првична верзија ги подготвило Министерството за правда, а ќе ги разгледува Владата во септември, не исклучуваат можност од разрешување на актуелниот комисиски состав.
„Пари има уште за овој месец. Последните четири месеци од годината ќе работиме за патриотизам“, изјави вчера за „Утрински весник“ првиот антикорупционер, Илми Селами, видно нерасположен и незадоволен од односот на извршната власт, која, очигледно, потврдува колку не ја цени важноста на нивната работа.
Антикорупциската комисија вчера се состана првпат по одморите и одржа се��ница на која, како што дознаваме, станало збор и за проблемите со пари. Со намалување на финансиите за 30 отсто, владејачката гарнитура се пресметува со антикорупционерите, кои по смената во раководството, почнаа сериозно да се занимаваат со незаконитостите во работењето на државните функционери, се слушнаа коментари од институцијата. Невладини организации, пак, неодамна се изјаснија дека Владата вака не само што се обидува да ја дисциплинира Антикорупциска и да ја спречи во успешното функционирање туку става до знаење дека борбата против корупцијата не е нејзин врвен приоритет.
Дали со најновите измени во антикорупциското законодавство, кои предвидуваат мандатот на членовите да трае четири години, наместо пет, Владата сака да ја контролира и да оствари влијание во Државната комисија за спречување на корупцијата? Ако биде прифатено решението со кое нови членови се избираат 90 дена пред стапување во сила на законот, или на 1 февруари 2011 година, тогаш станува јасно дека сегашниот тим од Антикорупциска ќе биде разрешен. Се поставува прашањето дали скратувањето на мандатот подразбира можност за внесување партиски послушници во Комисијата?
„Во новиот предлог има големи тенденции“, искоментира кусо шефот на Антикорупциска комисија, Илми Селами, не сакајќи да открие повеќе детали. Тој најави прес-конференција што ќе ја одржи во текот на утрешниот ден кога пошироко ќе образложи со кои проблеми се соочија антикорупционерите.
Јавноста се сеќава дека последната голема работа на антикорупционерите беше иницијативата за смена на директорот на Управата за спречување перење пари, Ване Цветанов, поради непочитување на законите во сферата на државните вработувања и поради пропусти во јавните набавки. Откако подолго време молчеше и не одговараше што ќе одлучи за предлогот, Владата во јули, сепак, ја прифати препораката од Државната комисија за спречување на корупцијата, разрешувајќи го Ване Цветанов од директорската позиција.
„Прифаќам, си давам оставка... но не поради Антикорупциска, туку поради вашата лицемерна политика и незаинтересираност за борба против вистинскиот криминал. Им се извинувам на сите пријатели, познаници, роднини, кои и јас заблуден и верувајќи Ви, сум ги донел во заблуда да го дадат својот глас за Вас“, напиша, меѓу другото, Цветанов во соопштението за јавноста во оставка директно обраќајќи му се премиерот Никола Груевски. |