Професорот од Демир Хисар отстранет од настава
БИТОЛА - Професорот од демирхисарската гимназија, Петар Шилковски, од вчера е отстранет од настава. Одлуката ја донел Наставничкиот совет под притисок на ученички од гимназијата, кои јавно тврдат дека нивниот наставник подолго време ги малтретирал и ги допирал по телото. Се додека не се расветли случајот, Шилковски ќе биде ангажиран во училишната библиотека. И битолската полиција продолжува со истрагата. Невладините организации во градот велат дека се отвори Пандорината кутија - ученичките да проговорат за нивните лични искуства и да посочат и други професори за непристојно однесување. Од Држваниот просветен инспекторат велат дека вчера добиле известување од раководството на демирхисарската гимназија дека професорот Шилковски веќе нема да предава на часовите по социологија, туку ќе биде задолжен за училишната библиотека.
„Професорот користи и боледување, така што друг наставник ги презеде неговите часови, додека не заврши истрагата“, изјави Ѓорѓи Николовски, државен просветен инспектор.
Тој вели дека се' уште не е сослушана ученичката, која го пријави професорот во полиција, бидејќи постапката законски треба да се одвива во присуство на нејзините родители. Ако случајот не добие судска разрешница, конечната одлука ќе ја донесе Инсекторатот. Николовски ги негираше тврдењата на учениците дека надлежните и минатата година биле известени за наводното непристојно однесување на професорот, но не било преземено ништо. Од Државниот инспекторат велат дека демирхисарскиот случај е изолиран.
Од Организација на жени од Битола тврдат дека кај нив биле пријавени неколку вакви инциденти.
„Ученички тврдат дека извесен професор намерно ги вадел пред табла и им ја фрлал кредата на земја за да ги гледа како се наведнуваат и ја подигаат. Децата тоа го забележале. Вакви инцидентни случаи се пријавувани кај нас и ние сме ги разгледувале. Но, мора да се каже дека овие настани се многу деликатни и треба да се пристапи со голема доза на сериозност во расчистувањето“, изјави Светлана Петковска, активист во Организација на жени. (А.Б.) |