Полицајци не ги регистрираат автомобилите, а ги возат
Десет полициски службеници ги возеле своите автомобили нерегистрирани, поради што ќе мора да платат глоба од 300 евра. Ова е резултат на акцијата на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, реализирана во Скопје по повод информациите дека полициските службеници ја злоупотребуваат својата значка и приватните автомобилите ги возат без да ги регистрираат.
„Целта е да се воспостави ред и во тој сегмент. Не може полицискиот службеник да му изрече глоба на граѓанин во висина од 300 евра поради тоа што граѓанинот не го регистрирал возилото, а самиот тој да користи нерегистрирано возило“, вели Воислав Зафировски, раководител на Секторот за внатрешни стандарди.
Зафировски информираше дека во изминативе девет месеци, Секторот постапувал по 826 претставки од граѓани и организации, кои имале поплаки во однос на работењето на полицијата, што е за 37 проценти повеќе од лани. Секторот поднел 18 кривични пријави против 23 полицајци, од кои 10 се однесуваат на злоупотреби во изборните нерегуларности. Освен тоа, Секторот тврди дека против 129 полициски службеници е поведена постапка за отказ.
Секторот посебно ќе внимава на однесувањето на полицајците кои го повишуваат тонот, ги држат рацете в џеб или пушат цигари додека разговараат со граѓани. Полицаец, кој двапати по ред ќе се однесува непристојно кон граѓаните, ќе биде дисциплински казнет, а ќе му биде отворено и досие, кое ќе влијае врз развојот на неговата кариера. (Г.А.) |