Прилепчанец тврди дека полицијата го тепала за ништо
ПРИЛЕП - Ружди Елмазоски (39) од прилепското село Јакреново тврди дека завчера бил претепан од крушевската полиција во атарот на селото, без каква било причина. Тој се жали дека двајца полицајци го тепале со тупаници, вршејќи му притисок да признае дека крадел дрва.
„Ја носев кравата на пасење во ливада и само што влегов во шумата, без пила, без секира, без никаков прибор, полицајците веднаш ми се нафрлија. Крвнички ме претепаа. Потоа дојдоа други луѓе, шумски полицајци и сите заедно ме носеа со врзани раце низ шумата, а јас стравував дека ќе ме убијат некаде, оти не е првпат да бидам малтретиран од нив“, вели Елмазоски.
„Во дворот најдоа два до три кубика дрва, но им реков зошто не си ги најдат вистинските дрвокрадци, кои носат секој ден по 300 кубици дрва во Крушево“, се жали Елмазоски. Случајот го пријавил кај надлежните институции. Во МВР, пак, велат дека Елмазоски завчера бил затекнат од шумската полиција, при што му биле одземени огревни дрва.
„Против него лани била поднесена кривична пријава за лажно пријавување на повреди нанесени од страна на полицијата“, велат од МВР. (Мн.Т.) |