Две жртви во судир на камион и автомобил
Стравотна сообраќајка, во која две лица ги загубија животите, се случи во средата вечерта во близина на Охрид. Камион со албански национални ознаки преминал од спротивната страна на коловозната лента и директно се судрил со автомобил во кој загинаа возачот и совозачот. Третиот патник во автомобилот „форд ескорт“, како и возачот на камионот „волво“ се здобија со повреди.
Трагедијата се случи околу 21 часот на магистралниот пат Охрид-Ресен во близина на споредниот пат за влез во депонијата „Буково“. Камионот „волво“, управуван од 46-годишен албански државјанин, од непознати причини преминал на спротивната страна од коловозот и наишол на „форд“, управуван од Влатко Пантоски (31) од Охрид, кој од повредите починал на самото место. Судирот бил кобен и за совозачот Наумче Аврамовски (23) од Охрид, додека третиот патник, Ј.С. (23) бил полесно повреден. Против Албанецот ќе биде поднесена кривична пријава, а тој е задржан до расчистувањето на случајот. (Г.А.) |