Грчкиот бензин најскап во ЕУ
Брисел - Во Европската унија Грците купуваат најскап бензин (1,518 евра за литар), додека по цената на дизелот Грција е на второ место, со 1,32 евра, зад Велика Британија, каде што литар од ова гориво чини 1,455 евра. Според најновите податоци на ЕК, Бугарија е најевтина држава во Унијата и по цените на бензините (1,03 евра) и по цените на дизелот (0,99 евра). На второ место по цената на бензините е Холандија (1,497 евра), потоа се Данска (1,439) и Финска (1,431 евра). Евтин бензин може да се купи на Кипар (1,097), Летонија (1,1) и во Романија (1,105 евра), а дизел во Луксембург (1,007), Литванија (1,055) и на Малта (1,06). Во рамките на ЕУ цените на горивата во изминатата недела поскапеа најмногу во Романија, за 6,4 центи за литар, а нафтата за 6,3 центи. Цените на горивата најмногу се намалени во Германија (за 4,9 центи, односно 5,8 центи за нафтата) и Шведска (4,2 и 5,2 центи за литар).
Од почетокот на годината бензинот најмногу поскапе во Грција, за 44,2 центи за литар. Во просек, бензинот во ЕУ е поскап за 12,1 центи или 9,8 отсто од почетокот на годината. (МИА) |