Четвртата ИПА -компонента отворена, другите тапкаат во место
Иако Ставрески тврди дека се искористени 53 млн. евра, невладиниот сектор презентира помали суми
Министерот Зоран Ставрески и евроамбасадорот Ерван Фуере вчера ја претставија четвртата компонента од инструментот за претпристапна помош ИПА, со која се одделуваат средства за развој на човечките ресурси и проекти во делот на социјална кохезија, како образование, вработување, како и за маргинализираните групи, со цел остварување на европската стратегија за вработување.
Македонија има 19 милиони евра од оваа компонента, кои ќе може да ги искористи. Од нив, 16,3 милиони евра се од Европската комисија за реализација на Оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007-2013, а Владата учествува со 2,9 милиони евра од буџетот. „За периодот до 2014 година на Македонија ќе и' бидат одобрени дополнителни 20,4 милиони евра наменети за проекти за вработување, социјална вклученост и образование“, истакна Ставрески.
Оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007-2013 опфаќа програми за вработување, привлекување и задржување повеќе луѓе во работен однос, инвестирање во човечки капацитети преку подобро образование и обука, подобрување на потенцијалите за вработување на жените од малцинските етнички заедници.
На презентацијата беше најавено дека за невладините проекти насочени кон зголемувањето на потенцијалите за вработување на жените од малцинските етнички заедници ќе бидат доделени 1,5 милиони евра. Несомнено, доколку овие средства правилно се искористат, со нив ќе се помогне развојот на човечките ресурси во државата и ќе влеат надеж за отворање нови работни места или за зголемување на бројот на самовработени.
Иако министерот Ставрески истакна дека од првата компонента на ИПА, која е насочена кон изградба на институциите, од 83 милиони евра што се на располагање, се искористени 53 милиони, невладиниот сектор кој ги следи евроинтеграциите, не се согласи. Анализите на Македонскиот центар за европско образование, кои се базираат на официјални документи од Секретаријатот за европски прашања и делегацијата на ЕУ во Македонија, до 1 јуни од првата компонента на ИПА за 2007 година се искористени 25,4 милиони евра, а од средствата за 2008 година само 2,8 милиони евра.
Од невладиниот сектор посочуваат дека државата демонстрира несериозност при подготовката на проекти и на националната развојна програма, кои се неопходни за Европската комисија да знае како да ги планира средствата од ИПА за нашата држава. Начинот на кој се справуваме како држава со проектите, како и преферирањето на други меѓународни институции како Светска банка, за државни проекти за кои, всушност, може слободно да користиме европски пари, укажува дека државата „стратешки“ застранува од патот кон ЕУ. (М.П.) |