„Карамазови“ на Петар Зеленка вечерва на „Синедејс“
 Кадар од филмот „Карамазови“
Вечерва, во рамките на фестивалот „Синедејс“, во 17 часот, во киното „Фросина“ во рамките на програмата „Балкан линк“ ќе биде прикажан хрватскиот филм „Позади стаклото“. Во 18 часот, во киното „Милениум“ следи гала премиерата на филмот во италијанско-француска копродукција „Божествени“ на Паоло Сорентино посветен на „вечниот“ италијански премиер Џулио Андреоти, кој беше еден од номинираните филмови за најдобар европски филм оваа година. Во 19 часот, во киното „Фросина“, како дел од главната програма ќе биде прикажан турскиот филм „Летна книга“, драма фокусирана врз семејните проблеми настанати по болеста на амбициозниот земјоделски трговец. Во 20.30 часот, во киното „Милениум“, во рамките на ревијата на холандски филмови најнапред ќе биде прикажан краткометражниот филм „Губење трага“, по што следи проекцијата на филмот „Душка“. Во 21.30 часот , во киното „Фросина“, во делот на главната програма ќе биде прикажан чешкиот филм „Карамазови“ во режија на Петар Зеленка. Станува збор за филм во кој на еден несекојдневен начин се испреплетува класичното драмско дејствие на „Карамазови“ од Достоевски додека група актери држат проба на претставата во еден руиниран погон за челик и преживувањето на трагедија на загинувањето на еден од работниците кои за целото време работат во истиот тој погон. (Л.М.) |