Премиера на куклената претстава „Девојчето со кибритчиња“

„Девојчето со кибритчиња“ прв пат се поставува во Македонија
Една од најпознатите бајки на Ханс Кристијан Андерсен, „Девојчето со кибритчиња“, во режија на гостинот од Бугарија, Боњо Лунгов, кој ја направи и адаптацијата на текстот, вечерва, во 19 часот, ќе ја доживее својата премиерна изведба на сцената на Театарот за деца и младинци.
Оваа претстава која за прв пат се поставува на театарската сцена во Македонија, според зборовите на директорот на театарот, Љубомир Чадиковски, на чудесен начин, преку играта со кукли, на дизниевски раскошен начин ќе ја долови оваа романтична, убава, но и тажна приказна.
„Сметав дека имаше голема потреба за една ваква класична претстава која ќе ја сакаат и децата и возрасните. Не сум сигурен како е овде, но во Бугарија ова е едно многу бездушно време во кое не се обрнува внимание на една поделикатна чувствителност, а луѓето стануваат се посурови. Приказната за девојчето кое не добива помош од никаде, дури ни од црквата, е нешто кое денес доста често се случува во Бугарија и кое мене лично, најнапред како човек, а потоа и како режисер, ме засега многу. Сакав да им покажеме на децата дека постојат и поважни нешта од материјалната благосостојба, како што е добродушноста, сочувството и помагањето на оние кои имаат потреба од помош“, вели режисерот Боњо Лунгов.
Неговата поставка на оваа приказна е специфична, не само од естетски аспект, туку и во однос на содржината. „Ова е тажна приказна, но бидејќи децата не можат да бидат тажни цело време, претставата мораше да биде весела до одреден степен, а потоа децата да сознаат тажната страна и да ја сфатат пораката. Затоа моравме добро да размислиме за куклите, сцената и музиката“, вели режисерот Лунгов.
Во претставата учествува целиот ансамбл на Театарот за деца и младинци: Ана Левајковиќ, Тања Кочовска, Предраг Павловски, Катерина Илиевска, Владимир Лазовски, Драган Довлев и Винета Дамческа кои ги движат куклите. Автор на куклите, на сценографијата и на костимите е Дилијана Прванова, а музиката е избор на Константин Каракостов. (Л.М.) |