Македонската филхармонија ќе свири премиерни дела
Македонската филхармонија, вечерва во Домот на АРМ во 20,30 часот, во соработка со Полската амбасада, ќе одржи концерт на божиќни песни. Влезот за концертот е слободен, а на програмата ќе бидат изведени традиционални песни наменети за божиќните празници од Полска, Италија, Шпанија, Хрватска, Франција, Украина и Бразил.
Утре пак, во Домот на АРМ во 20 часот, Филхармонијата ќе го одржи својот редовен симфониски концерт, овој пат со диригентот Борјан Цанев и реномираниот виолинист од Русија, Иља Гринголц. Програмата за утрешниот концерт е составена од врвни дела од светската музичка литература: увертирата „Мајстори и пејачи“ од Рихард Вагнер, романтичниот Концерт за виолина и оркестар од Семјуел Барбер кој ќе ја доживее првата изведба во Македонија, како и познатата „Патетична“ симфонија бр. 6 во ха-мол од Петар Илич Чајковски.
Инаку, солистот кој утревечер за првпат ќе се претстави пред македонската публика, Иља Гринголц, се смета за еден од најдобрите виолинисти од неговата генерација. Тој е чест гостин на светските оркестри и соработува со најдобрите диригенти. Виолина и композиција учел во специјалната музичка школа во Санкт Петербург, како и на „Џулијард“ школата со Исак Перлман и покојната Дороти Дилеј. Гринголц е еден од 12-те уметници избрани за проектот на Би-би-си под наслов „Уметници од новата генерација“. (Т.И.) |