Во Кинотека филмот „Ангели на отпад“
Денеска во 20 часот во Кинотеката на Македонија ќе се прикаже македонскиот игран филм „Ангели на отпад“ од 1995 година на режисерот Димитрие Османли. Овој филм исто како „Мирно лето“ на Османли и „Јад“ на Кирил Ценевски се прикажува во рамките на циклусот на Кинотеката „Пред актерот - простум“, циклус кој пред македонската публика уште еднаш носи извонредни филмски дела и потсетува на големите улоги на нашите актери. Она што е најубаво во овој циклус е можноста публиката по проекциите да се сретне со македонските актери.
„Ангели на отпад“ е филм кој се осврнува на актуелниот проблем во 1990-тите години на пропаѓањето на општествено-политичките системи, што само по себе ја носи потрагата на човекот по загубените вредности, потрагата по минатото и по смислата на животот. Овој филм, чие сценарио го потпишува Томислав Османли, приказната ја раскажува низ еден „паноптикум на маргиналци, на затечени и загубени судбини“. Главните улоги во филмот ги играат: Мери Бошкова, Катина Иванова, Владо Јовановски, Мето Јовановски, Јосиф Јосифовски, Ванчо Петрушевски и други. Влезот за сите проекции од овој циклус е слободен. (С.У.) |