Бесплатно користење алатки на „Мајкрософт“ за ИТ-фирмите
На претприемачите што почнуваат бизнис во ИТ-областа, во период од три години им се овозможува бесплатно користење на системските платформски производи и развојни алатки на „Мајкрософот“. „Тоа е директен придонес на ’Мајкрософ‘ кон подобрувањето на можностите за иновација и поддршка на нови компании и идеи во оваа индустрија“, истакна Илијанчо Гаговски, директор на „Мајкрософт Македонија“, откако вчера беше претставена глобалната програма БизСпарк, наменета за поддршка на нови ИТ-компании, кои работат на пазарот најмногу три години.
Иновативноста кај новите ИТ-компании е главната тема на годинешната осма конференција на „Мајкрософт визија“ во Македонија, што почна вчера во Скопје.
За програмата веќе се заинтересирани 20-ина компании. Се спроведува преку Националниот центар за развој на иновации и претпримачко учење, како мрежен партнер на локално ниво, формиран од проектот за конкурентност на УСАИД. Прва фирма која се приклучи е онлајн-медиумот „Многоо медиа“. Со помош на БизСпарк ја реализирале својата идеја за пуштање во употреба систем од двојазични Интернет-портали.
Според Радмил Поленаковиќ од Националниот центар за развој на иновации, фирмите-корисници на програмата добиваат и претставување на глобално ниво и можност за поддршка од инвеститори, односно тоа се можности за нови инвестиции во фирми кои почнуваат бизнис во ИТ-областа.
На осмата конференција на „Мајкрософт“ во Македонија ќе биде промовиран и проектот за електронски индекс, како дел од системот за електронско менаџирање на студиите при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Имплементирани се низа решенија што им овозможуваат на студентите пристап до компјутерската мрежа, комплетно електронско студирање, вклучувајќи електронски упис и заверка на семестар. (МИА)
|