Брoj 2797  петок, 26 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Македонија

За метадонска терапија се чека и по седум години

На листата на чекање има 66 наркозависници, а неофицијално уште 150 чекаат за метадон

Јасмина Јовановска

Наркозависниците во Скопје по седум години чекаат да бидат вклучени на метадонска терапија. Листата на чекање е долга и моментално има 66 случаи на наркозависници кои чекаат да бидат вклучени во метадонската програма на еден од двата скопски центри, чии капацитети се пополнети и нема место за нови случаи, а неофицијално се зборува дека уште околу 150 не се ни пријавуваат, зашто знаат колку се чека за метадон. Некои од нив се принудени за метадон секој ден да патуваат до центрите во Тетово и во Куманово. Но, повеќето и натаму се принудени да се оддаваат на дрога, а поради неможноста да обезбедат чисти игли и шприцеви, претставуваат темпирана бомба за ширење на ХИВ-инфекцијата. Дотолку повеќе што ХИВ-вирусот во шприц може да живее и до четири дена, укажуваат здравствените стручњаци.

„Опасност од експанзија на сидата посебно им се заканува на зависниците во затворите“, истакна д-р Славица Гајдазис-Кнежевиќ на вчерашниот семинар за наркозависниците и сидата што го спроведе Светската здравствена организација во соработка со Министерството за здравство. Причина за тоа е што ако не се вклучени на метадонска терапија, наркозависниците немаат пристап до стерилни игли и шрицеви. Ова се потврдува и со истражувањето што го направило ОБСЕ во затворите во 2005 година, при што, како што рече Влатко Деков од невладината организација ХОПС, констатирано е дека од 68 отсто од наркозависниците споделиле веќе употребуван прибор за инјектирање, а 27 никогаш не користеле стерилен прибор.

Ова е доволна опомена дека на метадонска програма треба да се вклучат повеќе наркозависници. Но, прашање е како ќе се направи тоа кога во Скопје центрите се преблокирани, а сличен проблем им се заканува и на центрите во Охрид и во Битола, каде што за метадон патуваат лица од Прилеп и од Струга.

Иако од 2005 година опфатеноста на наркозависниците со метадон расте како резултат на отворањето шест центри надвор од Скопје, тие не се доволни, вели Гајдазис-Кнежевиќ. Во Скопје веќе две години тапка во место проектот за отворање три нови центри, иако се обезбедени пари од Глобалниот фонд на ОН, зашто, како што вели Гајдазис-Кнежевиќ, не може да се пробие ѕидот на предрасудите, а посебно кога во проблемот ќе се вмешаат политиката и локалн��те политичари. А вклучувањето на метадон не само што значи лекување на наркозависниците според медицина базирана на докази, туку и заштеди на државата, вели д-р Гајдазис-Кнежевиќ, за што доволно покажуваат и податоците во Охрид, каде што откако е отворен центарот се намалени интервенциите од здравствените установи, како и криминалот.

Во Македонија се проценува дека има околу 6.000-8.000 наркозависници, од кои само 15,7 отсто се на метадонска терапија. Со овој процент Македонија е на добар пат за метадонска терапија, но тој не е доволен, смета д-р Мартин Донахју, регионален советник на европската канцеларија на СЗО, кој вели дека во овој поглед нашата земја е подобра од Албанија и Босна и Херцеговина, па дури и од Литванија, која има речиси ист број наркозависници како и Македонија. Тој укажа дека не треба да има листи на чекање за метадон и што поскоро да се отворат новите центри, за што треба поддршка од Министерството за здравство и од општините.

„Неможноста да се вклучат во метадонската програма е кршење на едно од основните човекови права за лекување“, потенцира д-р Мирјана Најчевска, која додаде дека во практиката бројни се примерите на кршење на човековите права на наркозависниците. „На полицајците, кога не им се исполнети месечните квоти, за да ја заработат платата, веднаш одат во рација на наркодувлата“, зашто, како што рече Најчевска, наркозависниците обично се третираат како граѓани од втор ред , што никако не смее да се дозволи, бидејќи без разлика какво зло сториле, тие не ги губат човековите права.


Статијата е прочитана 176 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Македонија
Ќе ја спаси ли МРТ новиот директор
„Леов компани“ донира два крста за црква во Пустец
Клиничката болница во Битола доби нов имуноанализатор
Комуналците бараат проширување на повластениот ДДВ
Договор за пречистителна станица во Прилеп
Тетовци и гостиварци казнети за фрлање градежен шут