„Леов компани“ донира два крста за црква во Пустец

ПРИЛЕП - Прилепска „Леов компани“ ќе донира два метални крста за кубињата на новоизградената македонска црква „Свети архангел Михаил“ во општина Пустец, соседна Албанија, со околу 5.300 Македонци.
„Ова е мала донација, вредна приближно 1.000 евра, но најважно е што е дар од срце. Крстовите се изработени од месинг, прохром и други материјали, заштитени со најнови технологии, отпорни на временски влијанија“, вели Венцислав Крстески, менаџер на „Леов компани“.
Крстовите му беа предадени на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, кој смета дека овој чин е доказ за единството и за солидарноста меѓу Македонците каде и да се.
„Со овој чин се демонстрира помагањето на Македонците од матичната земја. Од почетокот на нејзината изградба со проектантот Тодор Паскали помагаа голем број македонски бизнисмени и политичари, како што се Љубе Бошкоски, Ристо Гуштеров и Џорџ Атанасоски, а вредноста е околу 150.000 евра“.
Црквата, која се гради речиси седум години врз темелите од некогашниот Дом на културата на површина од околу 200 м2, наскоро ќе биде свечено осветена и предадена во употреба“, истакна Темелко.
Според него, општина Пустец за два месеца ќе реши уште еден од најголемите инфраструктурни проблеми. Патот до Стење ќе биде официјално предаден во употреба.
„Се работат помали проекти во инфраструктурата, се поврзуваат селата со главниот пат, водовод, канализација за да има подобри услови за живеење. Единствена општина сме со симболот, знамето со шестнаесеткракото сонце, издаваме документи на македонски јазик, улиците и плоштадите се со имиња што ги поврзуваат со нашата нација, традиција и култура. Има и еден плоштад што го носи името на Методија Андонов Ченто“, истакнува градоначалникот Темелко. (Мн.Т.) |