Ќе ја спаси ли МРТ новиот директор

Вработените кои останаа во јавното претпријатие се' уште ги чекаат задоцнетите плати и надоместоци за храна и превоз
Александар Пешев
Состојбата во Македонската радио-телевизија не заздравува. Вработените и понатаму ги чекаат заостанатите плати и надоместоци за плата и придонеси и секој ден се соочени со стравот од губење на своите работни места, поради стечај и евентуална ликвидација на јавниот сервис. Ваквата можност неодамна беше вметната во Законот за радиодифузна дејност во време кога стариот менаџмент на јавниот сервис спроведуваше систематизација.
Ќе ја спаси ли состојбата новиот прв човек на јавниот сервис? По речиси еден месец без извршен директор, на чело на јавниот сервис застана Ефтим Гаштов. Тој ја презема функцијата на извршен директор на јавното претпријатие откако извесно време беше ангажиран за извршен продуцент на Првиот програмски сервис. Инаку, Гаштов ја започна својата медиумска кариера стартувајќи сопствена телевизиска продукција. Во јавноста беше познат како водител на забавни емисии, меѓу кои и квизот "Суперишка". Скромната наплата на радиодифузната такса, незадоволството на вработените, и големите долгови на јавниот сервис се нерешени проблеми со кои ќе се соочува поранешниот продуцент, сега нов директор на Македонската радио-телевизија, доколку јавниот сервис не се ликвидира.
Последната плата што ја добија вработените е од мај, а надоместоците за јуни. Дел од вработените кои се на боледување, исто така се соочуваат со проблеми. Ако на вработените последно им била исплатена плата за мај, оние кои се заминати на боледување се' уште немаат земено надоместоци за април.
Паниката меѓу вработените првично се создаде со почетокот на систематизацијата, со која беше предвидено 329 вработени да ги напуштат работните места.
Се' на се', од почетокот на систематизацијата, па до оставката на извршните директори, од МРТ без работа останаа повеќе од 300 вработени, од кои дел се прогласуваа за технолошки вишок дури и за време на штрајк. Поранешниот менаџмент планираше 329 вработени да си заминат од националниот сервис, а по систематизацијата да останат 721 вработен. За оние кои по систематизацијата останаа ��ез работа беше предвидено да добиваат испратнина до пензионирање, но и таа доцни.
МРТ се испразни и поради тоа што многу новинари заминаа во новоотворените приватни телевизии, вклучувајќи ги и сателитските.
"Неизвесноста траеше со години и тоа ме натера да си заминам. Плата немавме земено од мај, а веќе изгубивме ориентација околу тоа колку од придонесите ни беа исплатени, а колку не", објаснува поранешна вработена во јавниот сервис.
Покрај проблемот со платите, вработените се плашат дека можеби ќе останат на улица поради ликвидација на јавниот сервис. Ваквата можност се отвори со последните измени во Законот за радиодифузија, кои се изгласаа во Собранието пред речиси два месеца. Оттогаш, Владата одбива да даде подетаљни информации за иднината на јавниот сервис и топката ја префрла кај министерот за транспорт и врски. Од Министерството за транспорт и врски, пак, тврдат дека не се надлежни за МРТ.
 По речиси еден месец без извршен директор, на чело на јавниот сервис застана Ефтим Гаштов
" Министерството за транспорт и врски не може да даде одговор дали ќе се спроведе стечај или ликвидација на МРТ, бидејќи не е надлежен орган за предлагање и донесување вакви одлуки. Со Законот за радиодифузна дејност утврдени се органите на МРТ, а тоа се Советот на МРТ, Управниот одбор на МРТ и работоводен орган", се наведува во писмениот одговор од Министерството до "Утрински весник".
Неофицијално, надлежните планираат ликвидирање на јавниот сервис и отворање ново јавно претпријатие кое би се викало "Радио-телевизија на Македонија". Сето ова, според неофицијални информации, е дел од т.н. "француски модел" кој би се користел за спас на јавниот сервис.
Непосредно по измените во Законот за радиодифузна дејност, МРТ остана и без директори. По оставката на второизбраниот извршен директор на Македонската радио-телевизија Маја Мишковска, првоизбраниот директор на јавниот сервис, Јанез Сајовиц, ја напушти функцијата, обвинувајќи ја Мишковска и другите членови на раководството за коруптивно работење. "Ве сметам за директно виновни за актуелната состојба во која се наоѓа МРТ. Навремено донесените акти и Санационата програма на МРТ, поради одлагањата и негирањата, останаа само точки на дневните редови на вашите, главно, јалови заседанија", изјави Сајовиц во образложението за раскинување на менаџерскиот договор.
|