Мајка обвинува лекари за смртта на својот син
КУМАНОВО - Мајка од кумановското село Клечовце обвинува лекари за смртта на петнаесетгодишниот син. Микица Златановски, болен од церебрална парализа, почина вчера, а родителите ги обвинуваат лекарите од кумановската болница за нивниот небрежен и несовесен однос кон сериозно болен пациент.
„На детето му се ��лоши завчеравечер, околу 22 часот. Со приватно возило го пренесовме во кумановската болница, на Инфективното одделение. Му дадоа ’амоксиклав‘ и ’бедоксин‘ и не' упатија дома. Познавајќи ја природата на болеста на моето дете, побарав од лекарите да му вклучат инфузија. Дежурниот лекар на Одделението, по сугестија на началничката Валентина Џартовска, одговори дека е доцна и дека нема на располагање техничко лице за инфузија. Лекарите не' смирија, па заминавме дома‘‘, со солзи и липање раскажува Анкица Златановска, несреќната мајка на починатиот Микица.
Драматична била ситуацијата во полноќните часови откако се вратиле дома. Детето почнало да снемоштува, а родителите неколку часа се обидувале да повикаат лекари.
„Одвај даваше знаци на живот. Бевме во паника. По телефон повикавме Итна помош од Куманово, но кажаа да му дадеме на Микица таблетка ’апаурин‘. Го сторивме тоа, но здравствената состојба на детето продолжи да се влошува. На вториот повик во Итна помош добивме ист совет, да дадеме уште еден ’апаурин‘ и дека состојбата ќе му се подобри. Кога го направивме и тоа, а детето почна да тоне, кај Итната помош интервенираше наш сосед. Дури по третиот повик, дојдоа во селото и го пренесоа синот на Инфективното одделение. Таму му вклучија инфузија и излегоа. Детето беше при свест, но за пет минути ни почина пред очи додека примаше инфузија, без присуство на медицинско лице‘‘, раскажува Анкица Златановска, скршена од болка.
На обвинувањата на родителите, лекарите во кумановската болница вчера немаа друг одговор, освен дека сториле се' што било во нивна моќ, но не успеале да го спасат 15-годишниот Микица. (Ст.Б.) |