Тиквешијата целосно парализирана
Поради лозарските блокади, неможно е да се стигне од Битола и Прилеп до Кавадарци ниту, пак, од Битола и Прилеп до Скопје...
Ангел Данов
Кавадарци - Тиквешијата два дена е под целосна блокада. Лозарите немаат намера да попуштат, бидејќи досега ниту власта ниту визбите не побарале да разговараат со ни�� за проблемите. Се пропуштаат само итни случаи, стари лица и деца. На блокадите на патот Битола - Прилеп - Скопје е тензично. Револтот е огромен кај патниците и транспортерите, кои повеќе од 40 часа се заробени на блокадите. Поради лозарските блокади неможно е да се стигне од Битола и од Прилеп до Кавадарци. Ниту, пак, може да се стигне од Битола и од Прилеп до Скопје. Не постои можност кавадарчани и неготинци да патуваат до Гевгелија, бидејќи лозарите од Неготино го имаат блокирано излезот на градот. Формирани се километарски колони од возила, кои безуспешно чекаат да стигнат до одредена дестинација. И натаму под блокада се винарските визби „Тиквеш“ и „Повардарие“.
Вчера весниците не стигнаа во Кавадарци, а се трошат и последните резерви во продавниците со основни прехранбени производи. Ноќеска биле пропуштени само патничките моторни возила, додека преминување не им бил дозволен за транспортните. „Лесните возила можат да се снајдат. Има и заобиколни патишта“, вели лидерот на регионалниот сојуз на земјоделските производители „Агротиквешија“, Љупчо Аризанов. Но, при нашата обиколка наидов��е на блокада и на алтернативниот премин кај Дреново. И таму лозарите рекоа дека нема да пропуштаат возила, освен итни случаи. Од полицијата ни рекоа дека протестот на лозарите е легитимен и уредно најавен.
Лозарите се лути и понижени од изјавата на вицепремиерот Владимир Пешевски дека тие протестираат за политички профит. Велат дека на протестите има и луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, кои маката ги натерала да бидат на блокадите, а место решение за своите проблеми добиле провокација од владин претставник. Тие порачуваат Владата сериозно да го сфати нивниот проблем и парите што ги одвои за помош на визбите да се пренасочат кон лозарите.
„Ги жалиме сите оние што поради блокадите не можат да поминат, но сакаме најсериозно да се сфати и нашата мака, која ниедна влада не најде начин да ја реши“, вели лозар на протестот. Транспортерите се жалат дека трпат огромни загуби поради дводневниот застој и, најверојатно, ќе бараат надоместок на штета од државата.
Ноќта на блокадите се прошири вест дека ќе пристигнеле полициските „алфи“ за да ги разбијат протестите. Лозарите се договараа дали да попуштат. На блокадата кај Росоман беше постигната согласност два часа да се дозволи премин, но таквата одлука не беше прифатена од лозарите на блокадата кај мотелот „Дреново“. Потоа лозарите констатираа дека некој, можеби, намерно пуштил таква вест за да го разбие протестот. Реагираат и дел од откупувачите на грозје, бидејќи поради блокадите не можеле да откупуваат грозје од лозарите со кои била договорена берба за странски откупувачи.
Во текот на нашата обиколка на протестите беа пропуштени сватови, кои одеа по невеста на муслиманска свадба. Лозарите беа почестени со чоколадни бонбони, а тие им упатија честитки на младите. Лозарите целосна поддршка за протестот добија од возачи на автобуси од Турција, кои рекоа дека е срамно државата да не води грижа за луѓето кои со мака доаѓаат до леб.
Производителите на грозје бараат да се истакнат ланските цени за откуп на грозјето, но цените да не бидат условени со шеќерни единици. Исто така, бараат до крајот на септември целосна исплата на ланското грозје и парите што Владата ги намени за визбите да се насочат кон лозарите. Се' додека овие барања не им се исполнат, велат лозарите, ќе продолжат да го парализираат сообраќајот во Тиквешијата. |