Дете-невеста од Македонија не смее да ја напушти Австралија
Поради намерата на родителите да ја омажат на 14 години, девојчето се најде на „црната листа“ на Канбера
МЕЛБУРН - Судија од Австралија забрани 14-годишно девојче да ја напушти земјата, бидејќи нејзините родители договориле брак со маж кого девојчето никогаш не го видело. Идентитетот на семејството не се открива, но, според локални информации, станува збор за муслимани од Македонија.
Пасошот на потенцијалната невеста е задржан откако социјалните работници дознале дека таткото планирал да ја однесе преку океанот, така што девојчето не ќе може да ја напушти земјата додека не наполни 18 години. Забраната за девојчето од Мелбурн ја изрече судија од семејниот суд, кој и' наложи на полицијата да го стави нејзиното име покрај имињата на тешки криминалци и обвинети за даночни измами.
Мерките се преземени за да се осигури дека некој возрасен нема да се обиде да го провлече девојчето преку аеродромски или крајбрежни граници. Се верува дека оваа забрана е прва во Австралија, каде што некои имигрантски семејства и натаму ги следат вековните традиции на венчавање на своите синови и ќерки со потенцијални партнери, кои никогаш не ги виделе.
Планот да се испрати девојчето преку океанот беше откриен кога претставници за заштита на децата примиле информации дека девојчето, кое во тоа време имало 13 години, било земено од училиште за да се подготви за патување. Документите од судот покажуваат дека девојчето било сослушувано од двајца работници за заштита на децата во нејзиниот дом, додека родителите биле на работа.
Шерин Хасан од Исламскиот суд на Викторија изјави дека браковите меѓу деца се „перверзна“ практика. Девојчето изјавило дека била свршена еден месец за 17-годишно момче од друга земја и оти видела само фотографија од него.
Девојчето, вели претставникот, не размислувало за можноста за сексуални односи со новиот сопруг и не помислило дека може да биде злоупотребувано. Таа дури и не разговарала за чувствата што ги имала со своите родители ниту, пак, го знаела мислењето на мајка и' за бракот.
Социјалниот работник изјави пред судот дека таа е дете и не ги разбира последиците од бракот. Потоа додаде: „Покрај тоа, таа би била лишена од образование и можеби би била изложена на ризик за сексуално искористување и емотивна повреда“.
Планот за бракот ги алармираше претставниците од Исламскиот совет на Викторија. (Дејли меил) |