Импичмент за гувернерот на Илиноис, Род Благоевиќ

ЧИКАГО - Законодавците од Илиноис во понеделникот одобрија да се спроведе истрага дали гувернерот Род Благоевиќ треба да биде повикан поради обвиненијата дека се обидел да го продаде местото во американскиот Сенат испразнето од новоизбраниот претседател Барак Обама. Претставничкиот дом на Илиноис гласаше со 113:0 гласа да се формира комитет што ќе одреди дали тоа тело треба да поведе се' уште недефинирани обвиненија против него, што доколку биде одобрено, ќе доведе до судење во државниот Сенат и негово можно отстранување од позицијата.
Спикерот на Претставничкиот дом на Илиноис, Мајк Мадиган - демократ како Обама и Благоевиќ - изјави за новинарите во главниот град Спрингфилд дека во обвиненијата може да биде опфатена злоупотреба на власта. „Се подготвуваме за судење во Сенатот и ќе се движиме со соодветна брзина“, рече Мадиган, иако додаде дека истрагата би можела да трае со недели.
Адвокатот на одбраната од Чикаго, Едвард Генсон, откако се состана со Благоевиќ трет ден по ред, изјави за новинарите во понеделникот ноќта дека гувернерот не планира да даде оставка. „Тој не се повлекува. Тој не направил ништо погрешно. Ќе се бориме против овој случај“, рече Генсон.
Претходно Благоевиќ повторно замина на своето работно место во канцеларијата во Чикаго, потпишувајќи неколку нацрт-закони и покрај се' поголемите барања да даде оставка и да не прави именувања во Сенатот. Гувернерот (52) е обвинет за заговор да изврши измама и барање мито, врз основа на разговорите снимени со одобрение од суд. Тој не покажа подготвеност да се повлече од позицијата која годишно носи 177.000 долари. Според сегашниот закон, Благоевиќ, кој минатата недела беше уапсен од федералните служби и обвинет дека се обидел да го трампа местото во Сенатот и политичките привилеги�� за готовина и за работни места, има единствено овластување да ги пополнува местата во американскиот Сенат.
Претставничкиот дом од Илиноис, предводен од демократите, отфрли нацрт-закон поддржан од републиканците за да одржи специјални избори во април за избор на нов сенатор кој ќе го замени Обама. Потоа телото ја одложи седницата до 12 јануари, оставајќи можност 21-члениот комитет за импичмент да се состане во текот на празниците доколку биде потребно. Демократите ќе задржат 57 од 100 места во американскиот Сенат со празното место од Илиноис, додека исходот од трката за Сенатот од Минесота, кој е под контрола на републиканците, се' уште е неизвесен. (Ројтерс) |