Асад бара редефинирање на границите на Голанската Висорамнина
ДАМАСК - Сирија подготви документ со кој се дефинираат границите на окупираната Голанска Висорамнина и чека одговор од Израел преку турските посредници, јавија извори запознати со разговорите. Сирискиот претседател Башар ал Асад неодамна им порача на западните претставници дека Дамаск сака Израел да заземе јасен став за територијалниот проблем меѓу двете земји, пред да се согласи да продолжат замрените мировни преговори.
Во сирискиот документ се наведени границите во однос на шест географски точки, јавија изворите за Ројтерс. „Претседателот јасно истакна дека Сирија сака да го знае израелското мислење што ја конституира окупираната сириска територија пред да може да биде постигнат напредок“, јави еден од изворите. „Според размислувањата на Сирија, израелски договор за шесте географски точки би можел да помогне да се постигне мировен договор идната година. Меѓутоа, Израел можеби нема да даде одговор во скоро време бидејќи се наоѓа во политички метеж“, рече друг извор. Индиректните разговори меѓу Сирија и Израел, кои беа одложени пред околу три месеци откако израелскиот премиер Ехуд Олмерт реши да поднесе оставка поради корупциски скандал, се центрирани на судбината на Голанската Висорамнина.
Израел го зазеде платото во Блискоисточната војна во 1967 година и го анектираше повеќе од една деценија подоцна - чекор што беше едногласно отфрлен од Советот за безбедност на ОН. Двете земји беа во речиси десетгодишни директни преговори под американски надзор, но во 2000 година преговорите пропаднаа околу обемот на предложеното повлекување на Израел од Голанската Висорамнина. Починатиот татко на Башар, претседателот Хафез ал Асад одбиваше да потпише договор што не го опфаќаше североисточното крајбрежје на Галилејското Море, што е главен резервоар за вода. Асад го сметаше североисточното крајбрежје за интегрален дел на Голанската Висорамнина и тврдеше дека Сирија ја контролирала пред да избувне војната на 4 јуни 1967 година. Израел го зазеде целиот источен брег долж платото во текот на војната. Крајбрежјето се повлекува со децении. Според предлогот на Израел, Сирија би останала само неколку метри помалку од североисточното крајбрежје. (Ројтерс) |