Од пет до 20 години затвор за руски скинхедси

Групата расисти извршија 18 брутални убиства во главниот град на Русија
МОСКВА - Група расистички скинхедси кои извршија 18 брутални убиства во главниот град на Русија, Москва, осудени се на казни затвор меѓу 6 и 20 години. Цел на нападите на бандата од седуммина скинхедси биле мигранти со несловенско потекло во Москва, а убиствата биле извршени во периодот меѓу август 2006 и октомври 2007 година. Многу од напаѓачите биле малолетници кога се случиле убиствата. Покрај убиствата на 18 луѓе, тие исто така се обиделе да убијат уште 12, јавува судот. Групата објавувала видеоснимки од некои злосторства на Интернет.
Најголемата казна затвор е изречена на Роман Кузин, кој доби 20 години затвор. Двајцата наводни лидери на групата Артур Рино и Павел Скачевски добија по 10 години затвор. Нивните казни се најголеми што можеа да ги добијат, бидејќи биле малолетници во времето на убиствата. Четворица други членови на групата добија казни затвор меѓу 6 и 12 години.
Обвинителството тврди дека обвинетите формирале организирана група со цел да убиваат мигранти од азиските и кавкаските региони на поранешниот Советски Сојуз. Со други зборови, тие ги напаѓале луѓето кои не изгледале бели или словенски, јавува дописникот на Би-Би-Си од Москва. Дури и во градот кој често е место на расистичко насилство злосторствата на бандата се издвојуваат, јавува дописникот.
Русија беше погодена од серија расистички мотивирани напади, некои од нив фатални, последниве години. Во периодот меѓу јануари и октомври годинава 113 луѓе загинаа во расистички напади во Русија, а 340 беа повредени, јавува Канцеларијата за човекови права од Москва. (Би-Би-Си) |