Петиција во Турција за извинување за ерменскиот геноцид

Турција признава дека голем број Ерменци биле убиени, но негира дека е извршен геноцид
ЕРЕВАН - Во Турција е поведена Интернет-петиција за извинување за „големата катастрофа во 1915“, кога стотици илјади отомански Ерменци починаа. Ерменските и голем број меѓународни историчари масакрите и смртните случаи за време на принудната депортација од источниот дел на Турција ги опишуваат како „геноцид“. Турција жестоко го негира тоа, наведувајќи дека оние што загинале едноставно се воени жртви.
Петицијата, прва од ваков вид, беше иницирана од истакнати турски академици и колумнисти во весници. Тие посочија дека сакаат да го променат официјалниот став на негирање и да провоцираат дискусија во турското општество за она што се случило. Петицијата е насловена „Се извинувам“ и со кратката изјава во почетокот се отфрла она што се нарекува незнаење и негирање во Турција на тоа што го претрпеа отоманските Ерменци во 1915 година. Потоа се извинуваат за болката што им била нанесена.
Тоа е храбар и оригинален чекор во земјата каде што писателот Хрант Динк минатата година беше убиен поради тоа што отворено кажа дека настаните од 1915 година биле геноцид. Националистичките политичари го осудија потегот како навреда на турската нација и организаторите примија навредливи електронски пораки.
Турција признава дека голем број Ерменци биле убиени, но негира дека е извршен геноцид, наведувајќи дека смртните случаи се случиле за време на борбите во Првата светска војна. Во петицијата не се бара од државата да се извини за она што се случило и намерно се избегнува многу контроверзната дефиниција за геноцид. Меѓутоа, турскиот академик кој ја осмисли идејата наведува дека се надева оти таа ќе поттикне соодветна дискусија за тоа што се случило и ќе предизвика емпатија за она што го преживеаја Ерменците.
Ченгиз Актар го нарече тоа одговорност на сите Турци да размислуваат и отворено да разговараат за тоа како и зошто ерменскиот народ исчезна од земјата што ја населуваше 4.000 години. Во првите неколку часови по поведувањето на петицијата повеќе од 1.000 луѓе го ставија својот потпис на неа. (Би-Би-Си) |