Кич-митологии
Закони и закани
Венко Андоновски
Европските закони, иако личат на закани, имаат и добра страна: конечно ќе видиме дека нашето "стопанство" било профитирање врз туѓо здравје!
Деновиве, откако започна поригорозна примена на европските закони за сите стандарди на живеењето, се разви дебата околу нивната смисла. За законите обично не се дискутира откако ќе се донесат: тие се прифаќаат или се отфрлаат со мнозинство, од страна на лица кои заедницата претходно ги овластила да ја застапуваат. Застапниците решаваат кој закон е полезен, а кој штетен за некоја заедница. Но, законите често и по донесувањето се доживуваат не како закони, туку како ЗАКАНИ за една заедница, та отпосле се согледуваат нивните погубни последици. Тогаш се применува правилото „законите треба да им служат на луѓето“ (та затоа се бара нивна ревизија), а не обратно – „луѓето треба да им служат на законите, по секоја цена“.
Прв на тој „тест“ се најде Законот за забрана за пушењето на јавни места. Особено погодени се најдоа кафеанџиите, кои се жалат дека прометот им опаднал дури и за 60 отсто откако во кафеаните нема ниту една маса за пушачи. Тие изнајдоа и цела „мезе-филозофија“ која не кореспондира со европското сфаќање на ручекот во кафеана (за тоа пишував и јас, во минатата среда). Освен тоа, се најде и една адвокатка која побара преиспитување на законот кај повисока инстанца, изразувајќи сомневање дека законот ги гази основните човекови права на пушачите. И самите угостителски работници (меѓу кои има и заколнати непушачи), а не само пушачите го доживеаја овој закон како закана. Тие стравуваат од отпуштање, затоа што (барем така велат) во Германија, законот (кој наводно сега бил повлечен?) предизвикал масовно отпуштање угостителски работници. Освен тоа, не гледаат резон да се говори за „чиста животна средина“ во кафеана, која токму е измислена како резерват и азил ОД чистата животна средина: резонот на постоење на крчмата е таму да кадиш, а не да доаѓаш по чист воздух, оти ене го Водно. Некои цинично велат: еве, не пушиме во кафеанава, ама кога и да отвориме прозорец, ни влегува еколошки чист воздух од ОКТА. Алузијата е јасна: смешно е човек да се грижи за чисти нокти, ако рацете му се валкани до лактите.
Еден медиум, пак, донесува ваква вест во петокот: „Дознаваме дека во еден елитен ресторан неколку странски дипломати во земјава револтирано ја напуштиле кафеаната откако келнерот ги потсетил дека е забрането пушењето во објектот“. Извадокот долева масло на огнот на разгневените кафеанџии, кои поентираат: и господата Европејци, кога доаѓаат на Балканот стануваат првокласни Балканци, па очигледно го прават она што не смеат да го прават дома; зошто тогаш ние не би го правеле истото? Тоа е очигледно една позната културолошка теза (и тоа од книгите на најпознатите балканолози), која гласи: Балканот за Европејците е „темна точка“; но кој би се осмелил да оспорува (особено по Фројд) дека токму „темните точки“ имаат фатална привлечност, сврзувајќи се со потиснатите нагони за уживање, „перверзност“, „нискост“ и примитивна среќа? Балканот за Европејците е фатален амбигвитет, шифра на копнежот и на осудата истовремено. Тој буди и гнасење („зазор“ или „абјект“ во речникот на доцната Кристева), но и фатална привлечност! Доказ за таа привлечност е токму „револтираното“ излегување на дипломатите од кафеаната.
Но, не е проблемот во пушењето. Проблемот допрва ќе го идентификуваме, колку повеќе продолжуваме со примената на европската законска регулатива. Дури сега ќе видиме со какви „стопански дејности“ сме се занимавале, од што сме живееле, и по која цена.
Се виде, на пример, дека најголемиот дел од кафеанџиите, келнерите и готвачите живееле од пушачите. Се виде, исто така, дека ние сме ти биле трети во Европа по потрошувачка на тутун: во просек, еден пушач троши 300 евра годишно за цигари. Тоа значи дека 12 пушачи хранат еден тутунар годишно. Тоа е чудна економија, базирана на стимулирање пороци, еден сосема чуден вид стопанство, во кој секој живее од здравјето на другиот. Или: со примена на Законот за заштита на животната средина се виде дека не само Грчињата од „Окта“ туку и македонски оил-компании живееле од здравјето на оние кутри еколошки заложници од Миладиновци кои пртостираа блокирајќи ја рафинеријата!
По акцијата за примена на Законот против проституцијата, се виде уште една „доходовна македонска стопанска гранка“: и макроата, но и проститутките живееле од здравјето на своите клиенти (кај повеќето од „работничките“ е изолиран хепатитис „Ц“).
Конечно, (но не и последно како пример): случајот со МЕПСО, кој се смета за четврт по профитабилност во земјава и меѓу 100-те најдоходовни компании во Југоисточна Европа. Ако е така, тој е „европска фирма“ по приход, но не ја почитува европската регулатива, затоа што управува со далноводи стари и по 50 години, без да помисли да ги обнови. Тоа значи дека и тој, иако стопански успешен, живее на туѓа сметка: на сметка на граѓаните. Весниците деновиве вриеја од наслови: „Гостивар и Кавадарци десетина часа без електрична енергија“; „Не' чека мрачна и студена зима!“; „Парите на граѓаните ги богатат енергетичарите, а овие не вложуваат ништо во инфраструктурата“. Еден жител на село Здуње коментира: „На овие далноводи, паметам, стоеше името на Јосип Броз Тито. Стари се пет децении. Затоа со часови немаме струја“. Заклучок: МЕПСО не е Тито. Во времето на Тито имало и нови далноводи и струја. Нека има и сега, па макар на нив пишувало и Јосип Броз Мепсо.
Значи, така: европските закони целосно ќе не' скенираат како „стопанство“: од што сме живееле, од чиј џеб, од чие здравје. Ќе покажат една гнила економија, всушност ГОЛА ТРГОВИЈА базирана на стимулирање пороци и профит без вложување. Од тоа нема бегање! Колку побргу се соочиме со таа реална слика за нашето распаѓање, толку побргу ќе престанеме да ги доживуваме законите како закани. Ќе се ежавиме малку на почетокот, но потоа ќе почнеме да си го бараме чарето. Во моментов, на пример, ми се пуши та ми се плаче; и не знам сега дали да продолжам да ги хранам тутунарите и кафанџиите, или да им ги пресечам дотациите, во име на сопственото здравје!? Кој ќе ми каже што е поважно – личното здравје или татковината? И кој го наметна тој глупав, и очигледно лажен и тажен избор?
(Авторот е професор на Филолошки факултет) |