Почина филмскиот критичар Ранко Мунитиќ

На 28 март во Белград на 66-годишна возраст ненадејно почина познатиот филмски критичар, теоретичар и историчар на филмот Ранко Мунитиќ. Беше познат и како еден од најдобрите познаватели на стрипот и анимацијата, како сценарист и еден од најплодните писатели за филмот во поранешна Југославија.
Ранко Мунитиќ е роден на 3 април во 1943 година во Загреб. Уште од 1962 година почнува да објавува филмски критики и есеи. По свое сценарио го направи документарниот филм „Патувачко кино“, беше сценарист на голем број анимирани филмови, а се потпиша и како еден од сценаристите на големиот југословенски хит „Офицер со роза“.
Од 1970 живееше во Белград каде што во познатата телевизиска серија „Вечер со ѕвездите“ (1990) направи голем број портрети на филмските автори и актери. Мунитиќ беше член на повеќе селекциони комисии и жирија на дваесетина меѓународни фестивали на краток и анимиран филм, меѓу кои во Анси и Краков. Познат е и како автор на многу книги и публикации за фантастиката на екранот, за документарниот и анимиран филм, а како добар познавач на стрипот ја напиша и книгата „Деветта уметност, стрип“. (С.У.) |